• сабота, 23 ноември 2024

Протести во Франција против крајната десница

Протести во Франција против крајната десница

Париз, 16 април 2022 (МИА) - Во Франција денеска се одржаа демонстрации чие мото беше: „Против екстремната десница и нејзините идеи, не Марин Ле Пен во Елисејската палата“, јави дописникот на МИА од Париз.

Во Париз и во регионот, неколку илјади луѓе дојдоа да и кажат „не на екстремната десница“ без да го поддржат Емануел Макрон осум дена пред вториот круг од претседателските избори, кој се спротивставува на Марин Ле Пен.

„Тука сме да и кажеме не на крајната десница. Би било вистинска регресија доколку таа дојде на власт“, вели Жан-Франсоа Жулиар, генерален директор на Гринпис Франција во Париз, каде што се мобилизираа неколку илјади луѓе.

И во Марсеј, градот каде што Емануел Макрон одржа митинг, пораката е слична: „Тука сме да ја блокираме екстремната десница“.

Во Лион, каде што демонстрантите се претежно млади луѓе, се мобилизираа „против тривијализирањето на опасните идеи, против расизмот, исклученоста, потенцијалната диктатура“.

Марин Ле Пен, која претходно утрото зборуваше пред новинарите во Сен Реми-сур-Авр, смета дека „одржувањето демонстрации против резултатите од изборите е антидемократско“.

- Мислам дека на Французите им е непријатно да гледаат дека нивниот избор така се оспорува на улица, преку демонстрации, рече Ле Пен.

„Со отфрлањето на Марин Ле Пен, станува збор за спречување на појавата на деструктивниот социјален проект на владеењето на правото, на социјалната и обединета демократска република што ја браниме секој ден“, се вели во соопштението од организаторите, околу триесет организации и синдикати, како што се Лигата за човекови права, СОС Расизам, СЖТ, Синдикатот на судството или Националниот синдикат на новинари.

Во Париз, копретседателот на Мрап  (движењето против расизмот) Франсоа Сотери рече дека „не ја сакаат Марин Ле Пен во Елисејската палата“.

- Овде сме да кажеме  да го искористите вашето гласачко ливче за да ја спречите да дојде на власт. Не велиме гласајте го Макрон, туку се сведува на тоа, рече Сотери.

Во Париз, каде поворката пристигна на Плоштадот на Републиката околу 17 часот, имаше неколку инциденти меѓу полицијата и стотина луѓе. Со фрлање проектили, велосипеди и палење отпад од една страна и употреба на солзавец од друга.

Во Ница, пак, се собраа стотина луѓе, каде што во 2002 година имаше 20.000 меѓу двата круга, односно организаторите на демонстрациите против крајната десница не успеаја да мобилизираат многу Французи, од кои многумина се на велигденски одмор. тг/паг/

Остани поврзан