• недела, 22 декември 2024

„Пропстор“ нуди ретки сувенири од Мајкл Џексон, Принс, Џон Ленон

„Пропстор“ нуди ретки сувенири од Мајкл Џексон, Принс, Џон Ленон

Лондон, 15 октомври 2024 (МИА) - Црно-златната јакна во „војнички стил“, којашто во 90-тите беше препознатлива за поп-ѕвездата Мајкл Џексон, би можела да достигне цена од 200.000 до 400.000 фунти на наддавање во Велика Британија.

На 15 ноември, на четиридневен настан, аукциската куќа „Пропстор“ (Propstore) ќе понуди повеќе од 350 ретки и уникатни сувенири од светската музика, коишто некогаш им припаѓале на мегаѕвездите. На списокот се музички инструменти, рачно напишани текстови, автограми, како и реквизити и костими. Можеби еден од позанимливите предмети е колаж во рамка со стиховите на песната „Beat It“, рачно напишани од Мајкл Џексон, како и повеќе негови јакни, на пр. црвена јакна којашто „кралот на поп-музиката“ од минатиот век ја користел на турнејата „Трилер“ oд 80-тите.

- Јакната има голем број потписи, а меѓу нив - и оној на Мајкл. Од внатрешната, задна страна, потпишан е и Џон Лендис кој го режираше видеоспотот за (песната, з.п.) „Трилер“ (Thriller), како и неговата сопруга Дебора Лендис, дизајнерка на јакната, изјави музичкиот стручњак Марк Хоман.

На наддавањето ќе бидат понуден и „Вокс“ засилувач за звук од 1962. што му припаѓал на Џон Ленон (проценет на 100.000 - 200.000 фунти аукциска вредност), синтисајзерот на Принс со којшто е снимена песната „Purple Rain“ (50.000 - 100.000 фунти)... Натаму во понудата има и 15 гитари на Ноел Галагер и дуото „Оејзис“, а сѐ тоа може да достигне вкупна цена од повеќе од два милиони фунти, велат првичните проценки.

- Гитарите на „Оејзис“ од оваа аукција му припаѓале, пред сѐ - на Ноел, бидејќи тие се особено барани меѓу колекционерите. Повторното обединување на „Оејзис“ го подигна интересот на ново, повисоко ниво, рече Хоман.

Во понудата се и главните снимки од четири необјавени демо-аудиоизведби на Џими Хендрикс, сместени во кутија обележана со ракописот на музичарот. Брошурата „Животот со Битлс“, пак, потпишана од сер Пол Мекартни, Џон Ленон, Џорџ Харисон и сер Ринго Стар, би можела да достигне цена од 10.000 до 20.000 фунти.  си/

Фото: „Фејсбук“-објава

Остани поврзан