• среда, 25 декември 2024

Пронајден Навални- се наоѓа во затвор на северот од Урал

Пронајден Навални- се наоѓа во затвор на северот од Урал

Москва, 25 декември 2023 (МИА) - Портпаролката на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој отслужува 30-годишна затворска казна, денеска соопшти дека е откриено каде се наоѓа.

„Го најдовме Навални. Тој е во Казнената колонија 3 (ИК-3), во населбата Карп, на северот на Урал, во автономниот регион Јамал-Ненец. Неговиот адвокат денеска го посети. Алексеј е добро“, објави портпаролката Кира Јармуш на платформата X (Твитер).

Адвокатот Иван Жданов рече дека ИК-3 е „една од најсеверните и најоддалечените“ затворски колонии во Русија.

„Условите таму се сурови, со посебен режим. Многу е тешко да се дојде до него и нема системи за доставување писма или јавување“, напиша Жданов на Икс, истакнувајќи дека еден од адвокатите денеска бил таму и го видел Навални, но не му било дозволено да влезе.

Жданов смета дека казнената колонија ИК-3 е однапред подготвена за доаѓањето на Навални и потсети дека таму во април бил директорот на Сојузната казнено-поправна служба Аркадиј Гостев и можно е, како што наведе, тогаш да одлучиле таму да го префрлат рускиот опозиционер.

„Ситуацијата на Алексеј е јасен пример за тоа како системот се однесува кон политичките затвореници, обидувајќи се да ги изолира и потисне. Благодарение на оние кои продолжуваат да пишуваат и шират информации за Алексеј и другите политички затвореници, ја продолжуваме борбата“, рече Жданов.

Тој ја поврза изолацијата на Навални со претседателските избори во Русија во 2024 година, на кои се очекува Путин да го освои петтиот мандат.

Пред две недели, соработниците на Навални објавија дека се загрижени, бидејќи долго време не го виделе или слушнале, а во затворот во Владимирската област, каде што Алексеј ја отслужувал казната, тој повеќе не се наоѓал на списокот на затвореници. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан