• недела, 21 јули 2024

Промоција на филозофската книга „Менциј“

Промоција на филозофската книга „Менциј“
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА)  - Во Салонот при Културно-информативниот центар вечер во 19 часот во Скопје ќе биде промовирана книгата од областа на старата кинеска филозофија, во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија. Книгата, која е издание на „Македоника литера“, ќе ја промовира проф. д-р Ристо Солунчев. „Менциј“ првпат интегрално се објавува на македонски јазик, со предговор, коментари и во превод од старокинески на д-р Игор Радев. Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на делото на Менциј. Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“, а првпат интегрално се објавени на македонски јазик. Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј. Тој е еден од стожерните филозофи во кинеската историја, чиешто дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја. Живеел во преодот од IV и III век пред Христа, кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на философската мисла, кога разни филозофи, коишто претставувале различни интелектуални школи влегувале во остри полемики меѓу себе. „Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це. свс/сст/

Остани поврзан