Промоција на романот „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска
- Во Европска куќа (Europe House) во Скопје вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот за деца и млади со наслов „Тринаесеттиот“ од писателката Лидија Димковска, објавен од Издавачкиот центар ТРИ.
Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Во Европска куќа (Europe House) во Скопје вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот за деца и млади со наслов „Тринаесеттиот“ од писателката Лидија Димковска, објавен од Издавачкиот центар ТРИ.
-Повеќеслоен, модерен и напишан на јазик што им е разбирлив на денешните генерации, „Тринаесеттиот“ се одвојува со својата иновативност и длабочина. Зборувајќи за теми што вообичаено ги избегнуваат романите за деца и млади, Лидија Димковска прави пресврт во своето творештво. Ова е роман што раѓа романи, во кој читателите преку одговори на прашањата поставени од авторката создаваат еден нов однос со себеси, се наведува во најавата на настанот.
На промоцијата, за која влезот за посетители е бесплатен, книгата ќе ја претстават Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева, а ќе учествуваат и младите членови на актерската школа на Весна Петрушевска, која одбележува 30 години постоење.
Лидија Димковска е меѓу најпреведуваните домашни писателки и добитничка на голем број награди, меѓу кои се и наградата на Европската Унија за литература, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“. хс/вг/
Фото: Издавачки центар ТРИ