• понеделник, 02 март 2026

Мицкоски на ЕСС: Минималната плата се зголемува, повисоки примања од април

Мицкоски на ЕСС:  Минималната плата се зголемува, повисоки примања од април

Скопје, 2 март 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет истакна оти минималната плата се зголемува и оти ќе почне да се исплаќа со мартовската плата. Не прифаќаат, вели тој, обврски за некој друг мандат по истекот на овој во 2028, туку ги преземаат оние што сакаат да ги исполнат во постојниот мандат. За жал, вели тој, ова е Влада, која исто така ќе мора да ги реши сите оние напластени проблеми што се наследени од минатото поради нестручното, несовесно и лошо менаџирање, првин со владините ресурси, а потоа и со креирање на политиките на државно ниво.

- Откога сме избрани како Влада до сега, ги имаме регулирано односите со нашите колеги во најголем дел. Кога ќе кажам во најголем дел, тоа е 95, па и повеќе проценти, преку колективни договори, што имаат краен рок на реализирање до 2028 година - рече Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет.

Премиерот посочи дека за разлика од претходно, оваа Влада се однесува одговорно и презема обврски за реализирање, само до мандатот до 2028 година.

- Се однесуваме одговорно. Одговорно во рамките на мандатот што сме го добиле од граѓаните, не преземаме обврски, како тоа што било случај во минатото, за периодот по 2028 година, односно по мандатот на оваа Влада. Едноставно, сакаме да сме одговорна Влада. За жал, Влада што ќе мора да ги реши сите оние напластени проблеми што се наследени од минатото поради нестручното, несовесно и лошо менаџирање, првин со владините ресурси, а потоа и со креирање на политиките на државно ниво - рече тој.

Мицкоски додаде дека изминатиот период е постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати на административците посочувајќи дека во тој договор влегле и други синдикални организации што не биле дел од првичните преговори.

- Што се однесува до другите параметри, нашиот став е јасен за јавноста и тука немаме никаква дилема. Последното што требаше да го затвориме, како би рекол, условно кажано, отворено прашање, тоа беше договорот што го потпишавме со синдикатите УПОЗ и САДУ и тоа го завршивме. Таму беа додадени и други синдикати, кои првично не беа дел од преговорите, но сакавме да имаме што е можно поголем опфат и со тоа ние го затворивме и ова отворено прашање, кое некако лебдеше и на дел од седниците на Економско-социјалниот совет - посочи Мицкоски.

Тој информира дека на денешната седница на ЕСС е информацијата за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година во согласност со законот, укажувајќи дека очекува оваа информација да помине утре на владина седница.

- Денеска, на дневен ред е информацијата за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година во согласност со законот. Очекувам на следната владина седница да го поминеме и како Влада и потоа нормално, во согласност со висината на минималната плата, од април за март да почне таа да се исплатува - истакна Мицкоски.

Додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.

- Очекуваме да продолжи и да се интензивира бипартитниот дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање да помогнеме во рамките на нашите можности и ингеренции. Сè што е во рамките на институциите, институционален дијалог, треба да се охрабри затоа што само така може да се дојде до конструктивно решение. Вонинституционални механизми секогаш постојат, Македонија е демократска држава, но ценам дека искуството вели дека сè што е во рамките на институциите носи решение. А сè што е надвор од рамките на институциите, мислам дека не само што не носи решенија, туку, апсолутно, ги поларизира нештата - потенцира Мицкоски. сст/вг/

Фото Влада 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан