• петок, 27 декември 2024

Промоција на романот „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова

Промоција на романот „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе биде промовиран романот „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова. Промотор на романот ќе биде Иван Антоновски, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. 

Романот „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е интригантно четиво за некои од пресвртните моменти на македонскиот 19 век. Во приказната фактите и фикцијата се мешаат и создаваат нова, можна реалност од чија сенка излегува ликот на Митра Миладинова, жената на преродбеникот Димитар Миладинов и клучна фигура за формирањето на Ученољубие.

-XIX век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно. Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот, вели авторката за романот.

Дијана Петрова е родена на 8 април 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“, издание на Антолог, е нејзина трета објавена книга.фф/лв/

Фото: ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје

Остани поврзан