• четврток, 26 декември 2024

Промоција на „Речник на псевдонимитe во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски

Промоција на „Речник на псевдонимитe во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски

Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Во Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе се одржи промоција на „Речник на псевдонимитe во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски. Промотори ќе бидат Димитар Пандев и Иван Антоновски.

- Станува збор за издание во кое се дешифрираат скриените имиња на автори во македонската книжевност, без разлика дали се лажни имиња, кратенки, иницијали, знаци и сл. Вкупниот број на автори изнесува 202 единици, а бројот на псевдонимите 640 единици. Притоа, авторите и псевдонимите се анализирани и синтетизирани во посебни категории. Покрај нив, во посебно поглавје е посветено внимание на некои од родените имиња на дел од позначајните претставници на јавниот и општествен живот од овој период, како и на псевдоними и именувања на просветни дејци, револуционери и други активни учесници во општествените процеси кои објавувале во тогашните весници и списанија, но и во меѓусебната кореспонденција, соопшти авторот Славчо Ковилоски.

Во книгата теоретски е образложен пристапот при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.

„Речникот на псевдонимитe во македонската книжевност од XIX век“ е прво вакво дело во македонската книжевност и треба да послужи како појдовна точка кон дешифрирање на македонските псевдоними во 20. век.

Славчо Ковилоски е научен истражувач, професор на Институтот за македонска литература. Автор е на повеќе дела од областа на книжевната историја и културологијата. Добитник е на најголемата државна награда за наука „Гоце Делчев“. мд/вг/

Остани поврзан