• сабота, 23 ноември 2024

Промоција на првата авторизирана биографија на Дарко Панчев во издание на „Арс Ламина“

Промоција на првата авторизирана биографија на Дарко Панчев во издание на „Арс Ламина“

Скопје, 25 септември 2024 (МИА) - Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев во идание на „Арс Либрис“(дел од „Арс Ламина – публикации“), чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов, ќе биде промовирана вечер во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Љубомир Кекеновски и поранешниот фудбалер и соиграч на Панчев, Васил Рингов, а модератор ќе биде уредничката Бисера Бендевска.

Во долгоочекуваната книга, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев, за неговиот подем, за постигнувањата и за неговата личност, почнувајќи од неговото детство, преку ангажманите во ФК Вардар и ФК Црвена звезда, па сѐ до европската фудбалска авантура. Во книгата се зборува и за животот на Панчев и надвор од зелениот терен...

-Македонската Кобра, како што го знаат нашиот Дарко Панчев лаиците и оние поупатените, го разбранува фудбалскиот свет во своето време и на величествен начин – од Вардар преку Црвена звезда – во 1991 година стигна до титулата прв стрелец на Европа, освојувајќи ја „Златната копачка“ на популарниот „Екип“ и на брендот за спортска опрема „Адидас“. Со 34 постигнати гола и со освоените титули со Звезда – европски и светски клупски првак, и „Сребрена топка“ во изборот на реномираниот француски спортски весник „Франс фудбал“ за втор најдобар играч во Европа, иако според мнозинството од фудбалскиот свет ја заслужил „Златната топка“ – Панчев стана една од најинтересните фудбалски појави, не само на Стариот Континент, туку и во светот, вели Михајлов во книгата.

Во книгата е поместен избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои прикажуваат важни моменти од неговата кариера и од неговиот живот. Публикацијата е збогатена и со искази за Панчев од челниците и легендите на Звезда, од неговите соиграчи, современици, претставници од спортската и од научната фела.

Најславниот и најуспешниот фудбалер на Македонија, Дарко Панчев, е роден на 7 септември во 1965 година, во Скопје. Благодарејќи на неговите голгетерски способности и вродениот рефлекс за скротување на топката во шеснаесетникот, тој се здобива со прекарот Кобра, како што е познат и до денес во фудбалскиот свет. Решетејќи ги мрежите на звучните клубови во Првата југословенска лига како играч на Вардар, успева да стигне до врвот на лигата во сезоната 1986/87 година, по што станува привлечен за клубовите од т.н. „Голема четворка“: српските Црвена звезда и Партизан, и хрватските Динамо Загреб и Хајдук. Но, најбрза во трката за неговиот потпис е белградска Звезда, каде што ќе го достигне зенитот во својата кариера – освојување на тронот на клупска Европа и тоа токму со неговиот победнички погодок во пенал-рулетот против Олимпик Марсеј, и добивањето на „Златната копачка“ и на „Сребрената топка“. Потоа настапува и за гигантот Интер од Милано, за Лајпциг, Фортуна Диселдорф и за Сион, каде што ја завршува својата кариера. Бележити се и неговите настапи за југословенската репрезентација и за репрезентацијата на Македонија по осамостојувањето, станувајќи нејзин прв капитен. Тој е прогласен за Фудбалер на векот во Македонија.

Како што наведуваат од издавачката куѓа, ова е трета книга на неуморниот спортски новинар и коментатор Зоран Михајлов (р. 1945 година)  по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ (издание на „Арс Либрис“) и монографијата за борачот Шабан Сејдиу (коавтор). Во својата 60-годишна кариера присуствувал на најголемите спортски случувања , меѓу кои и на рекордни 15 олимпијади и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.

-Оваа биографија што ја подготвував со задоволство, буквално ќе ја долови кариерата на нашиот најдобар фудбалер. Колку тој беше ценет и почитуван од своите колеги, а и од легендите во другите спортови, ќе имате можност да прочитате низ овие редови, што ќе останат како документ за една знаменита македонска личност. Тој беше вистински афирматор на својата земја, затоа што преку него и неговите постигнувања многу луѓе во светот дознаа за Македонија. И до денес, Панчев е единствениот Македонец кој успеал да освои две високи индивидуални признанија во својот спорт, „Златната копачка“ и „Сребрената топка“ – во изборот за најдобар фудбалер на Европа. Затоа, името Дарко Панчев е врежано со златни букви во нашата фудбалска и национална историја, вели Михајлов. вг/лв/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан