• вторник, 24 декември 2024

Промоција на нови офицери и подофицери во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Промоција на нови офицери и подофицери во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Скопје, 13 август 2024 (МИА) – Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска беа промовирани офицери и подофицери каде свои обраќања имаа претседателката на Република Северна Македонија Гордана Силјановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и прворангираниот потпоручник Милица Перишиќ.

Претседателката Силјановска Давковка во своето обраќање на промовираните офицери и подофицери им порача совесно и одговорно да ги извршуваат обврските и должностите како бранители на слободата на татковината и дека очекува активно да учествуваат во справувањето со традиционалните, како и новите хибридни закани во физичкиот и сајбер просторот.

– Вие станавте офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти. Како офицери на НАТО армијата, од вас се очекува да ги исполнувате највисоките професионални стандарди и врвни критериуми. Сигурна сум дека активно ќе учествувате во справувањето со традиционалните, меѓутоа и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер просторот. Вие ќе треба да придонесувате за колективната безбедност и одбрана, преку учество во мировни мисии и операции да ја одржувате борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери, но, ве молам, никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва, дека сте тука пред сѐ и над сѐ за македонските граѓани и за одбраната на македонската република, порача Силјановска Давкова. 

Пред присутните, Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од, како што рече, институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да ѝ служат на државата и граѓаните, како и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба.

– Оваа година на нашата Воена академија со прв офицерски чин се стекнуваат и питомци од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа ја покажува нашата сериозна посветеност во регионалната стабилност и безбедност. Создадовме човечки капацитети, офицери, кои изминативе 4 години заедно живееја, се едуцираа и обучуваа како да ги совладаат задачите кои им престојат. Верувам дека и понатаму во животот ќе останете добри пријатели и дека активно ќе соработувате и заеднички ќе придонесувате во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во Алијансата, рече Мисајловски.

Во потпоручници беа промовирани 38 питомци, од кои 24 за потребите на македонската Армија, односно 12 жени и 12 мажи, осум од Црна Гора и шест од Босна и Херцеговина. ра/нд/

Фото: Министерство за одбрана

 

Остани поврзан