• вторник, 24 декември 2024

Промоција на најновиот роман на Киро Донев - „Дневникот од штрковото гнездо“

Промоција на најновиот роман на Киро Донев - „Дневникот од штрковото гнездо“

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Во организација на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, денеска ќе се одржи промоција на најновата книга на Киро Донев – романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“. Промотор ќе биде Ацо Ѓоргиев, кој е и автор на поговорот на книгата. Романот е илустриран со цртежи на Славица Купенкова.

-Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во коешто кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една – училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме - дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè помалку решлива..., посочуваат од „Македоника литера“.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.

Киро Донев е меѓу најчитаните писатели за деца во Македонија и многу често има средби со своите млади читатели. дма/мд/

Фото:Илустрација

 

Остани поврзан