• петок, 08 ноември 2024

Промоција на монографијата „Историска посета на светиот отец - прво македонско добредојде за папата Франциск“ и на зборникот „Католичката црква во Македонија низ историјата“

Промоција на монографијата „Историска посета на светиот отец - прво македонско добредојде за папата Франциск“ и на зборникот „Католичката црква во Македонија низ историјата“
Скопје 5 мај 2022 (МИА) - Католичката црква во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи денеска ги промовираше монографијата за посетата на папата Франциск во Скопје насловена „Историска посета на светиот отец - прво македонско добредојде за папата Франциск“ и зборникот на трудови „Католичката црква во Македонија низ историјата“. - Понекогаш ни се заканува опасност да бидеме исплашени од актуелните предизвици, а всушност кога ќе погледнеме назад тие предизвици никогаш не изостанале. Важно е да знаеме од што изникнавме и на што растеме денеска за да оставиме светла трага на идните генерации. Сето тоа најдобро ќе ни го разјасни книгата Католичката црква во Македонија низ историјата, истакна на промоцијата скопскиот бискуп и струмичко-скопскиот епарх, монсињор д-р Киро Стојанов. Посетата на папата Франциск на земјава Стојанов ја опиша како радосен настан, дар Божји и израз на љубовта кон Црквата и татковината. Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски во обраќањето истакна дека столбот врз кој што треба да се втемелат сите политики и се што е државотворно и создава, како и нејзините граѓани, треба да бидат традицијата, културата и живите преданија и сведоштва. - Токму затоа ценам дека собирот на трудови којшто произлегува од една исклучително квалитетна меѓународна конференција одржана тука во Скопје, на којшто имав тогаш прилика и чест да бидам, како и монографијата за историската посета на светиот отец, папата Франциск во Скопје, ќе не надживеат сите нас и тогаш кога нас коишто сме современици на овие големи случувања или на живите сведоштва, нема да не има. Новите и идните генерации ќе можат да се потсетат и да видат какви големи денови сме доживеале и сме преживеале, но и какви идеи и заклучи историјата остава да говори после сите нас, нагласи Сотировски. Професорот по црковна историја на Католичкиот богословски факултет во Сараево, воедно и уредник на книгата „Католичката црква во Македонија низ историјата“, Миленко Крешиќ, информираше дека книгата е објавена на македонски и на хрватски јазик, со цел да биде достапна и за македонската и за хрватската јавност. Претседавачот на Главното координативно тело за подготовката на доаѓањето на папата во земјава и актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски за посетата на папата рече дека е настан од историско значење за земјата и за граѓаните од сите верски и етнички заедници за внатрешната кохезија и заедничкото живеење. - Посетите на папата секогаш се гледани како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир, а во дадениот контекст, посетата на папата Франциск претставуваше и признание за улогата што македонската држава и нашиот мирољубив народ ја имаат во овие процеси и затоа монографијата која денеска ја промовираме е, и ќе биде најдобро сведоштво за сето тоа, потенцираше Димовски. Пензионираниот врхбосанскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ објасни дека новите генерации се соочуваат со секојдневни предизвици на неможност на интерпретирање на информациите и случувањата и дека затоа е важно да се документираат и да се зачуваат ваквите важни настани. Поранешниот претседател на земјава, Ѓорге Иванов, оцени дека досегашните односи на државата со Светиот престол преку културни, образовни и дипломатски односи и воведоа да се оствари доаѓањето на светиот отец во Скопје. - Апостолската посета на папата Франциск имаше неколку својства. Како прво станува збор за државна посета која е остварена на 25-годишнината од воспоставените дипломатски односи меѓу Ватикан и Република Македонија. Потоа, таа прва посета на Католичката црква во Македонија која ги обединува двете традиции односно западниот и источниот свет. Истовремено тоа е и родниот град на света Мајка Тереза, рече Иванов. Иванов исто така потенцираше дека монографијата потсетува оти дипломатски односи како самостојна држава на земјава со Ватикан се воспоставени на 21 декември 1994 година. сх/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан