• среда, 27 ноември 2024

Промоција на книгата „За македонските работи“ од Љупчо Коцарев

Промоција на книгата „За македонските работи“ од Љупчо Коцарев
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ во Скопје, утре во 12 часот, академиците Витомир Митевски и Катица Ќулавкова ќе ја промовираат книгата „За македонските работи“ од Љупчо Коцарев, актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). -Коцарев во книгата застапува есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со изострено чувство за критичка опсервација ги анализира македонските состојби, стои во најавата за книгата. Книгата е составена од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, „Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Академик Љупчо Коцарев е редовен професор на Универзитетот Св.Кирил и Методиј - Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли). Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка (NSF, AFOSR, DoE, NIH, ONR), во Европската Унија (TEMPUS, FP6, FP7, Horizon 2020), во Германија (DAAD, DFG), како и од индустријата (STMicroelectronics). Добитник e на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Академик Љупчо Коцарев спаѓа во редот на водечките два проценти светски научници од сите научни области на сите времиња, согласно тимот на Универзитетот Станфорд во САД (2020, 2021).сх/лв/

Остани поврзан