• вторник, 26 ноември 2024

Промоција на зборник: ККИ моќен двигател на економијата, земјава има потенцијал за нивен раст и развој

Промоција на зборник: ККИ моќен двигател на економијата, земјава има потенцијал за нивен раст и развој

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Креативните и културни индустрии (ККИ) со својата посебност и потенцијал може да бидат моќен двигател на економијата. Креативниот сектор произведува уникатни производи и услуги, го поттикнува растот на туризмот, угостителството и малопродажбата, беше речено на денешната промоција на научниот зборник од 7. Меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21. век“.

Како што истакнаа учесниците, земјава го има целосниот потенцијал за раст и развој на ККИ, како и за искористување на нивниот економски, социјален, културен и еколошки капацитет.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков напомена дека ККИ се еден од владините приоритети и најави изработка на нова национална стратегија за ККИ, нивно мапирање и возобновување на Советот на ККИ, како и нови програми за поддршка и развој на бизнисите во ККИ, најмногу во видео-игрите.

-Нашите заложби за развој на ККИ ќе ги демонстираме преку поддршка на домашни препознатливи брендови, обнова и развој на традиционалните занаети, воведување специјализирани географски ознаки по кои ќе бидат препознатливи македонските производи, а ќе се поддржуваат и еколошки проекти од областа на културата, истакна Љутков во обраќањето на промоцијата.  

Според него, во ерата на глобализацијата и дигиталнтата трансформација, ККИ постојано се развиваат, носејќи нови можности, но и предизвици. Но, во целата приказна важна улога има и туризмот.

-ККИ овозможуваат широка презентација на вештините, имагинацијата и талентот, но и соодветна валоризација на пазарот на трудот поради што се придвижувачка сила на економскиот развој. ККИ како составен дел и на политиката на ЕУ, освен што придонесуваат за да ја подобрат економската состојба, се и промотори и носители на културниот идентитет и играат важна улога во поттикнување на културната разноликост. ККИ се мост меѓу нашата култура, културното налседство и иднината. ККИ, од дигиталните медиуми и визулените уметности до дизајнот и иновациите кои може да одиграат значајна улога во модернизацијата и промоцијата на нашето уникатно клтурно богатство, може да се достапни и привлечни за туристите. И туризмот игра важна улога во приказната, не е само за привлекување посетители, туку и за создавање долготрајни врски, размена на идеи и зајакнување на локалните економии, подвлече Љутков.

Тој на шега рече дека минатата година, на овој ист настан се обратил како актер кој му сугерирал на Министерството за кулура како да се однесува кон ККИ, а сега си ставил „белја на глава“ и ќе мора како министер да ги реализира сите тие работи.

-ККИ даваат патоказ, но покажуваат и премин кон економија на услуги каде во фокусот се: искуството на посетителите, културниот туризам и постојаната потреба од преобликување на туристичките иноватиувни производи, што подразбира силни промени и креативни актинвости, истакна Татјана Бошков, декан на Факултетот за туризам и бизнис логистика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Осврнувајќи се на туризмот, таа напомена дека иднината на оваа индустрија е во младите.  

-Иднината на туризмот е во рацете на младите луѓе. Инвестирањето во нив ќе донесе свежина во перспективите, креативноста и енергијата што е од суштинско значење за континуирата еволуција во туризмот, културата, културното наследство и економијата. Патувањето, културната размена и одржливите туристички практики се важни во решавањето на конфликтите, помирувањето и промоцијата на мирот во светот, рече Бошков.

Зборникот што беше промовиран денеска дава насоки за тоа како да се зајакнува капацитетот на комапниите и какви промени се потребни во регулативите на патот кон ЕУ. 

Настанот беше збогатен со настап на Универзитетскиот ансамбл „Македонија“. мч/ев/

фото/видео: МИА и Министерство за култура и туризам

Остани поврзан