• сабота, 16 ноември 2024

Промотивна работилница на НФФ во Неготино

Промотивна работилница на НФФ во Неготино

Скопје, 15 јуни 2024 (МИА) – Националната федерација на фармери организираше промотивна работилница во Неготино, на која беа презентирани резултатите од проектот „Развој на локалната индустрија во земјоделските региони преку зајакнување на капацитетот за управување и маркетинг“. 

Како што соопшти денеска НФФ, проектот е поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и првпат во руралните средини во државава ја воведува методологијата „Едно село – еден производ“ .

– Методологијата „Едно село – еден производ“ се покажа како ефикасен начин за промоција на земјоделските производи и нивните преработки, со цел развој на локални бизниси препознатливи во руралните средини. Преку пилот интервенција во неготинското село Тимјаник, каде што се произведува маџун, беше демонстрирана потенцијалната успешност на овој иновативен пристап. Оваа промотивна работилница го истакна значењето на „Едно село – еден производ“ како модел за одржлив економски развој и го потврди потенцијалот на руралните заедници во Република Северна Македонија да создадат квалитетни и препознатливи производи, соопштуваат од НФФ.

На работилницата со поздравни говори се обратија: Казуја Оцука, амбасадор на Јапонија во државава, Нагашима Маана, претставник на JICA, Горан Стојанов, градоначалник на општина Неготино и Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери.

Проект менаџерот во НФФ, Билјана Петровска – Митревска посочува дека целта на оваа методологија е да ги поттикне локалните заедници да ги користат своите ресурси и вештини за создавање уникатни производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар. Пристапот не само што придонесува за економскиот развој на одделен регион, вели Петровска - Митревска, туку исто така обезбедува платформа за зачувување и промоција на производството и наследството на локалните заедници. ра/лв/

Фото: НФФ

 

Остани поврзан