• среда, 25 декември 2024

Промовиран романот „Лазарка“ добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година

Промовиран романот „Лазарка“ добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година
Скопје, 2 јули 2021 (МИА) - Романот „Лазарка“ од Љупчо Петрески, еден од победниците на книжевната награда „Пегаз“ за 2020 година, беше промовиран онлајн на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. „Лазарка“ е директна референција на истоимената, парадигматична песна од славната поетеса Силвија Плат, каде што авторот – со пристап на изверзиран почитувач на книжевноста, во рембовска смисла на зборот – ја обработува приказната за фиктивниот лик Лазарка (измислен од Силвија Плат, што треба да алудира на жената на библискиот лик Лазар или, пак, на женската верзија на Лазар) и личната приказна на Силвија Плат во поривот да се излезе од сенката на својот идол, маж, љубовник, додека истовремено нејзиното постоење е детерминирано од најчистата потреба за рамноправна љубов. Лазарка истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“, објаснува писателот Петрески, во разговор за „Арс Ламина“. Писателот зборувал за паралелата на „Лазарка“ со истоимената песна од Силвија Плат, за „текот на свеста“ како наративна техника во која е пишуван романот, за влијанието на Вирџинија Вулф врз неговото творештво и за ликовите од романот. − Споменатата песна од Силвија Плат и романот „Лазарка“ не се крик за спас − тие се воспевање на смртта и опресијата. Наративната техника „тек на свеста“ ја користам во овој роман затоа што нуди интроспекција за анализа, можност за извлекување заклучоци и навраќања... Покрај Вулф, мајстори на оваа техника се и Жан Жене и Марсел Пруст, а би ја споменал и бразилската писателка Кларис Лиспектор, која творела под влијание на Вирџинија Волф, потенцира Петрески. Писателот информира дека идејата за романот „Лазарка“ се родила пред десетина години кога почнал да го чита „Целосниот дневник на Силвија Плат“. Како што пополека навлегувал во нејзиниот свет, ја почувствувал нејзината потреба од безусловна љубов ослободена од наметнатата позиција на жената. − Овој краток роман го следи животот на една сосема обична жена, пренесен низ сеќавања, внатрешни монолози, а со многу малку дијалог, сѐ со цел да се укаже на потребата од дијалог со Другиот – со оној чијашто смрт (која звучи страшно) се доживува како ништо страшно. Овие настани се испреплетени со последните мигови од животот на уште неколку други личности (Силвија Плат, Дора Карингтон и Ева Браун) кои ја надополнуваат потребата за меѓучовечкото разбирање во современото општество. Целиот роман е сложувалка – на микроплан тоа е сложувалка од сеќавања на главната хероина, а на макроплан тоа е сложувалка во иста боја, мирис и вкус, истакнува тој. Покрај тоа што пишува, Петрески е и преведувач и професор, кој живее и работи во Прилеп. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. „Лазарка“ е негов прв публикуван роман, а претходно има објавено прозни текстови во неколку литературни списанија и портали. Негов интерес на истражување и творење се интертекстуалноста, феминистичката теорија и квир-теоријата. Книгата беше претставена во рамките на промотивната акција Недела со добитниците на наградата „Пегаз“ за 2020 година. Во вторникот, на 29 јуни, се одржа и онлајн-промоцијата на другата книга-победник, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски. Романот „Лазарка“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн. свс/сп/

Остани поврзан