• вторник, 10 март 2026

Француски танцов проект „F_AI_LLE“ вечер во МНТ – истражување на дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција

Француски танцов проект „F_AI_LLE“ вечер во МНТ – истражување на дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција

Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Француската танцова група „K.Danse“ вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе ја изведе танцовата претстава „F_AI_LLE“ на кореографот Жан-Марк Матос. Настанот, кој го организираат Францускиот институт во Скопје и фестивалот „Танц фест“, го отвора Месецот на франкофонијата и е предотворање на годинашниот 22. Танц фест. Фестивалот ќе се одржува од 18 април до 5 мај, во организација на Културниот центар „Интерарт“, кој годинава одбележува 30 години постоење. 

Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт-Скопје, на прес-конференција во МНТ пред вечерашниот настап на „K.Danse“  рече дека со задоволство се вклучуваат во годинашната програма на „Танц фест“.

-Среќни сме што танцовата компанија „K.Danse“ ќе настапи на предотворање на овој фестивал кој е исклучително реномиран и признат. „K.Danse“ е основана на почетокот на 1980-тите години и во својата работа го здружува танцот со дигиталните уметности. Оваа танцова трупа е позната по своите смели кореографии, која настапила во престижни места во Франција, рече Жислер.

Претставата „F_AI_LLE“ е интерактивна инсталација што го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција. Кореографот Жан-Марк  Матос на прес-конференцијата рече дека проектот ја преиспитува нашата врска со нормите, технологијата и креативноста на крстосницата помеѓу современиот танц и дигиталните истражувања. 

-Ние сакавме да ја прашаме вештачката интелигенција како би реагирала во однос на движењата на телото. Тоа е виртуелна творба која ние, на некој начин, ја истрениравме со една целина од пет илјади видеа во кои имаше личности со различна телесна конституција, различни движења и различна експертиза. Самата претстава е еден кореографски дијалог со таа дигитална креатура, која се изразува со зборови, со слики и со музика. Ќе присуствувате на една претстава за која никогаш однапред не знаеме што е тоа што ќе се случи. Вештачката интелигенција денес се користи за одредени предвидувања, но во оваа претстава е невозможно однапред да предвидиме како таа дигитална креатура ќе реагира со движењата што ќе ги предложи самата танчарка, значи, на кој начин самата машина, повеќе или помалку, ќе ги интерпретира тие движења, рече францускиот кореограф. 

Под водство на кореографот Матос, во рамките на посетата на трупата „K.Danse“ до 13 март ќе се реализира и програма на работилници во Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Работилниците се наменети за актери од областа на танцот, млади изведувачи и наставници по француски јазик.  Овој проект е поддржан во рамките на програмата FEF „Дигитални уметности“,  ја истакнува продукцијата на современото франкофонско творештво и ги зајакнува уметничките соработки помеѓу Франција и Северна Македонија. 

Рисима Рисимкин, основач на Културниот центар „Интерарт“, кажа дека од почетоците на постоењето на Центарот соработуваат со Францускиот институт (тогаш: Француски културен центар) кога во 1996 ја имале својата прва програма на „Охридско лето“.

-Еве и годинава се повторува таа соработка. Имаме среќа што може да донесеме нешто што е вистинско актуелно на светско ниво и многу актуелно сега со вештачката интелугенција и танцот, што е и наша определба за дел од претстојниот фестивал „Танц фест“, изјави Рисимкин. хс/дма/ 

Фото: МИА / Плакат - Француски институт-Скопје 

 

Остани поврзан