• среда, 20 ноември 2024

Промовиран нов Водич за ученичко учество, организирање и заштита на детските права во основните училишта

Промовиран нов Водич за ученичко учество, организирање и заштита на детските права во основните училишта
Скопје, 28 јануари 2020 (МИА) - Проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“ воспостави системски промени кои гарантираат дека гласот на учениците во училиштата ќе биде слушнат, но и подобро ќе се препознаат и почитуваат правата на децата од страна на возрасните. Преку овој проект значително се подобри и примената на Конвенцијата за правата на детето во нашата држава. Ова го истакна Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации СЕГА, кој денеска го промовираше и новиот „Водич за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта“, чија цел е полесна имплементација на одредбите од Законот за основно образование кои се однесуваат на ученичко учество и организирање. Проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, како што информира Илиески, е спроведен од Коалицијата од 2011 до 2019 година во партнерство со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со поддршка од Детската Фондација Песталоци. Со овој проект, како што додаде, СЕГА се стремеше да обезбеди услови за демократско учество на учениците во образовниот процес, но исто така и да ги зајакне компетенциите на наставниот кадар за да се обезбеди континуитет одржливост на поддршката на учениците како еднаков партнер при донесувањето на битни одлуки. Директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи на промоцијата истакна дека проектот беше уште еден доказ дека соработката меѓу владините институции и невладините организации со поддршка од меѓународните организации обезбедува напредок во образованието, со идеја да се зајакнат вештините на младите и на образовниот и воспитниот кадар во училиштата. Главната цел на Коалицијата е да се подобрат знаењата и вештините на учениците во основните и средните училишта за практикување на правото на учество во училишниот живот. Во текот на деветгодишниот проект, СЕГА директно работеше со 36 училишта, 19 средни и 17 основни, и ги подобри знаењата за детските права на 55 389 ученици.бт/дма/

Остани поврзан