• сабота, 21 декември 2024

Промовиран научниот труд „Хомеровиoт Ахил во христијански контекст“ од Магдалена Манаскова

Промовиран научниот труд „Хомеровиoт Ахил во христијански контекст“ од Магдалена Манаскова

Виница, 15 јули 2024 (МИА) – Музејот „Теракота“ од Виница беше организатор и домаќин на промоцијата на научниот труд „Хомеровиот Ахил во христијански контекст - примерот на теракотите од Виничко Кале“ од магистер Магдалена Манаскова, археолог и долгогодишен учесник во истражувањата на локалитетот Кале кај Виница.

Во својот најнов труд авторката обработува една од тезите за намената на релјефите од познатите теракотни икони, со посебен акцент на релјефот со претстава на Ахил, а што биле нарачани од римски покровител кој во втората половина на V век имал административна или воена функција во рамки на утврдениот град на Виничкото Кале.

Промотори на книгата беа професорите Виктор Лилчиќ Адамс од Институтот за историја и археологија од Скопје и Сил Паркс Бер од Лабораторијата за археолошки ископувања при Државниот универзитет на Флорида, САД.

-Теракотниот релјеф со Ахил бара повторна проценка на можната врска помеѓу Хомеровиот херој и христијанската иконографија. Необичната слика на Ахил кој стои покрај столб е комбинирана со крстови. Освен тоа, контекстот на овој релјеф е неспорно христијански, бидејќи другите релјефи прикажуваат приказни од Стариот и Новиот Завет и специфична христијанска иконографија. Придонесувајќи кон истражувањето за можната христијанска херојска конотација на Ахил, ова навремено и револуционерно дело на Магдалена Манаскова неизмерно ќе придонесе кон научните истражувања за Виница воопшто, но и за нашето разбирање на Ахил во доцната антика, особено поради тоа што се однесува на постојано еволуирачката христијанска иконографија во рамките на римскиот етос кој сè уште бил присутен и во текот на V и VI век, истакна професорката Паркс Бер.

Во обраќањето на промоцијата професорот Лилчиќ Адамс нагласи дека делото на Манаскова отвора широк прозорец кон огромниот и пребогат македонски, медитерански, пагански и ранохристијански свет и како научна студија дава релевантни научно издржани согледувања и толкувања, не само за археолозите, туку и за архитектите, историчарите на уметноста, културолозите, социолозите, но и за другите научни работници кои се инволвирани во паганските религии и ранохристијанската наука.

Издавач на книгата е Локалниот археолошки и историски музеј „Терактоа“ со поддршка од Општина Виница. та/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан