• петок, 22 ноември 2024

Промовиран дебитантскиот роман „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически во Тетово

Промовиран дебитантскиот роман „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически во Тетово

Тетово, 29 октомври 2024 (МИА) - Во Тетово се одржа промоција на дебитантскиот роман „Ќе се видиме ли, пак!?“ од Зоран Радически. Авторот, кој е роден во Скопје, но живее во Холандија, за Тетово го врзува неговото детство кое поминало во градот и во населбата Два Бреста, па затоа се одлучува тука да биде првото претставување на романот пред јавноста. Романот поврзува околу стотина кратки раскази запишани над 120 страници, а основа се првите белешки кои ги пишувал додека патувал низ Европа како студент.

- Оваа книга е инспирирана и напишана од моето детство на Два Бреста, па преку Скопје и Европа, односно во белиот свет, таму каде што живеам моментално. Целта и мотивот е нормално носталгијата, луѓето што ми недостасуваа, моментите што некогаш сум ги восприемал за свои. Сите блиски радосни средби со луѓето, се обидувам да ги преточам низ хумор, низ сатира, низ малку преувеличеност, малку апсурдна реалност за да ја направам книгата игрива, но исто така и читлива, колку и да е сериозна. Користам литературни стилски моменти, за книгата да биде читлива, но сепак го задржувам наративот и стилот да биде што поедноставен за да може да ја разбере секој од седум до 77, секој со секакво образование и без разлика од каде и да е. На патувањата во студентските денови, сум пишувал белешки и кога се сместив на подолго време во Холандија, тогаш дојде таа инспирација тие белешки да ми бидат база за сите моменти што ги доживувам на улица што сум ги видел да ги ставам во книга, изјави авторот Зоран Радически.

Присутните на промоцијата имаа можност да го чујат освртот на промоторот на книгата Перица Сарџоски и модераторот Јулијана Величковска. Покрај тоа во интерактивна комуникација авторот со одговори на нивните прашањат доловуваше уште повеќе детали за поголем дел од расказите.

- Книгата „Ќе се видиме ли пак?“ е како динамична галерија на животни сцени – слики и ликови извлечени од различни патувања и контексти, некои реални, некои фантастични, сите обединети под перото на Зоран Радически. Авторот вешто го води читателот низ разни локации: железнички станици, автобуси, метрополи, и познати или непознати кафулиња, каде се спојуваат минливи моменти со трајни впечатоци. Преку хумор и иронија, Радически ги преработува топонимите и имињата, создавајќи нови и изобилни културни слоеви, како што се „Хамштелдам“ (наместо Амстердам) и „Сурија“ (наместо Сирија). Оваа игра со именувања е како ехо на нашето време, во кое глобализацијата и дигиталната култура ги зближуваат далечните светови и ги истакнуваат ситните разлики. Авторот вешто спојува хумор и меланхолија, давајќи ни увид во внатрешниот свет на современиот човек кој е во постојана потрага за идентитет и смисла. Преку ликови кои патуваат, случајно се запознаваат, па дури и преку оние кои едноставно набљудуваат, се открива мозаикот на искуствата и промените во современото општество, истакна Сарџоски.

Зоран Радически е роден во 1985 година. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за превод и толкување, отсек германски јазик и македонски јазик со лингвистика на Катедрата за јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работи како професор, а преведува книги од десетина јазици кои течно ги зборува и ги користи.

Книгата е издание на ПНВ публикации, поддржано од Министерството за култура. ас/мд/

фото: МИА

Остани поврзан