• сабота, 16 ноември 2024

Промовирана поштенска марка „За луѓето се работи“ по повод 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје

Промовирана поштенска марка „За луѓето се работи“ по повод 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје

Скопје, 18 ноември 2023 (МИА) – Министерството за надворешни работи и Пошта на Република Северна Македонија денеска промовираа пригодна поштенска марка со мото „За луѓето се работи“ по повод претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ 2023 и претстојниот Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.

Автор на дизајнот на поштенската марка е Александар Јосифовски и е испечатена во тираж од две илјади примероци со номинална вредност од 100 денари. 

Ја промовираа министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи и директорката на Пошта, Бујаре Абази, во СЦ „Борис Трајковски“ каде што на 30 ноември – 1 декември ќе се одржува состанокот на ОБСЕ.

Примероци од пригодната поштенска марка први добија претседателот на државава Стево Пендаровски и амбасадори на други земји во земјава.

-За сеќавањето од Претседавањето со ОБСЕ да биде трајно, се погриживме и преку издавање на посебно издание на свечена поштенска марка. Оваа поштенска марка ќе биде редок пример во филателистичките колекции ширум светот и ќе остане да сведочи на едно време на значаен напредок на државата на меѓународен план, истакна Османи на промоцијата.

„За луѓето се работи“, рече, беше нашето мото и поттик во текот на изминатата година. 

-Нашето Претседавање беше фокусирано на луѓето затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето се секогаш на прво место. Оваа порака е аплицирана и на пригодната поштенска марка затоа што таа треба постојано да ги потсетува политичките лидери и меѓународните организации што е всушност целта на нивната работа, додаде Османи. 

Директорката на Пошта на Северна Македонија, Бујаре Абази, истакна дека преку поштенската марка не само што се претставува земјата, туку се испраќа и силна порака. 

-Подадената рака, хуманоста и заштитата на луѓето не познава граници и треба да биде во фокус на нашата работа, рече Абази. хс/ цр

Фото: МИА

Остани поврзан