• вторник, 24 декември 2024

Промовирана платформа за можностите за вработување и мобилност на младите од регионот

Промовирана платформа за можностите за вработување и мобилност на младите од регионот

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Младински сојуз - Крушево денеска пред 140 млади од земјава, Грција и Бугарија ги презентираше можностите на новата дигитална платформа „DIGICOOP“ за вработување и мобилност во трите држави.

Примарната цел на платформата е младите да ги добијат сите информации кои им се потребни доколку сакаат да бидат дел од некоја мобилност, да се стекнат со образование или кариерно да се развиваат во некоја од државите кои се дел од проектот. Платформата ќе ги содржи сите активни можности и повици, но и правилата и насоките што еден млад човек треба да ги следи и оствари за да може да ги искористи сите можности.

-Целта на платформата е да ги поврземе младите од Грција, Бугарија и Северна Македонија и да ги промовираме можностите за соработка пред се мобилности, вработување и образование, односно да им овозможиме на младите да имаат место каде што ќе можат да ги извлечат сите информации за да студираат во соседните држави, да бараат практиканство или вработување во соседните држави или, пак, да одат на мобилност било тоа да е Еразмус плус или некоја друга мобилност која ја има во рамките на трите држави, изјави Андреј Стојкоски од Младински сојуз – Крушево пред промоцијата на платформата.

Нагласи дека платформа е за сите млади луѓе кои сакаат да учат, студираат, работат или учествуваат на настани и мобилности во овие држави и додаде дека увиделе оти генерално младите немаат доволни информации за сите мобилности кои се случуваат на регионално ниво. Токму затоа, посочи, заклучивме дека има потреба да направиме трилатерална платформа.

-Освен промоција на различните можности, платформата обезбедува информации за визен процес, веќе склучени договори и соработки, како и конкретни информации за потребите на пазарот на труд во сите три земји, рече Стојкоски и додаде дека проектот за изработка на платформата е поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку Еразмус плус програмата.

Истражувањата што ги правеле, како што кажа, покажале дека има голем број на млади кои студираат во Софија и Солун, но и во Словенија и Србија. Затоа се одлучиле да промовираат кратки престои за еден семестар и практиканства во странство како што нуди Еразмус плус програмата за размена на искуства и вмрежување на младите.вј/ев/

Фото: МИА  

Остани поврзан