• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана монографијата „Кодот на Преспа“, приказна за „загубениот пат“ на Борјан Јовановски

Промовирана монографијата „Кодот на Преспа“, приказна за „загубениот пат“ на Борјан Јовановски

Скопје, 30 јануари 2023 (МИА) – Соживотот, побратимството и заемното почитување помеѓу населението во Преспа е главната тема во најновата монографија „Кодот на Преспа“, приказна за „загубениот пат“ во која авторот Борјан Јовановски ги пренесува приказните на неколку семејства, побратимени со генерации.

Јовановски на денешната промоција на монографијата којашто се одржа во Скопје, ги сподели искуствата со кои се соочил додека ја изработувал монографијата.

-Стапив во контакт со три семејства кои се од село Наколец, Љубојно и Дупени кои се побратимени во четири генерации, кога пресметав сфатив дека тоа е нешто што постои два века. Она што мене ме предизвика ова да го документирам е фактот дека ваквата информација за оваа традиција во односите, оваа информација за живеењето во Преспа на различни кутури, религии е нешто што е многу старо, а не постои никаде во системот како информација евидентирано. И за жал, препуштени сме на нешто што е политички наметнато, наративи кои се најчесто ако не и секогаш атрикулирани од потребите на овие или оние партии, изјави Јовановски.

На промоцијата присуствуваше и жител на село Наколец кој одблизу ја долови сликата за животот на жителите во селото.

-Мојата фамилија е најстара фамилија, оваа приказна не е парадокс или некоја илузија ова е реалност. Мојот покоен татко беше наставник и постојнао не воспитуваше велејќи не го цени човекот дали е Албанец, Македонец или Ром цени го по тоа дали е човек или нечовек, тоа е најважно за твојот живот за да имаш пријатели и да основаш круг на пријатели кои се чесни луѓе, раскажа Вергим Шерифи.

Додаде дека во Наколец кавги помеѓу Албанец и Македонец никогаш немало.

Монографијата е издадена во рамки на проектот „Соживотот не е мит – поуките од Долна Преспа“ кој го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права и е дел од проектот „РЕКОМ мрежа на помирување“, финансиран од Европската Унија.

Проектот се занимава со помалку познатите колективни мемории и актуелни односи на различните етнички и верски заедници во Северна Македонија. Наспроти општо-прифатените опсервации за меѓуетничките односи во Северна Македонија како потецијални генератори на нестабилност, овој проект има за цел да ги приопшти позитивните примери и модели на соживот во Северна Македонија, како што е случајот во регионот на Долна Преспа кој би требало да послужат како пример и инспирација за денешните генерации за креирање на социјални механизми кои ќе овозможат култруниот и верски диверизтет да бидат прифатени како шанса за градење на динамична и културолошки богата општествена средина. 

Монографијата ќе биде достапна на македонски и албански јазик. свс/нд/

Остани поврзан