• вторник, 12 ноември 2024

Промовирана книгата „Јубилеите на шарпланинското село Брезно“ од Злате Савески

Промовирана книгата „Јубилеите на шарпланинското село Брезно“ од Злате Савески

Тетово, 29 август 2023 (МИА) - Книгата „Јубилеите на шарпланинското село Брезно“ од авторот Злате Савески беше промовирана вчера во ова тетовско планинско село во рамки на одбележување на црковниот празник Успение на Пресвета Богородица. Во книгата се опфатени три јубилеи – 170 години од населување на сегашната локација на Брезно, 130 години од отворање на училиштето и 100 години од осветувањето на црквата Успение на Пресвета Богородица.

Во тамошниот црковен храм Успение на Пресвета Богородица по завршување на утринската празнична богослужба промоторот Вања Димитриевски пред присутните го посочи значењето на оваа публикација.

- Злате Савески во ова дело прави продолжување, аналогија на неговите претходни дела коишто се однесуваат на селото Брезно и прави убав етнографски преглед, ја контекстуализира историјата на селото Брезно, но и со тоа на цела Македонија. Едноставно ги поврзува настаните, историските и политичките настани коишто го засегале Балканот како тоа се одразувало тоа на селото и како брезјани се приспособувале на тие настани како успеале да опстанат во целата таа политичка констелација на односи. Јас од неговите дела дознавам дека Брезно било засолниште за сите семејства, родови коишто го засновале коишто живееле тука се до раселувањето во шеесеттите години на минатиот век, посочи Димитриевски.

Училиштето и црквата, всушност се местата кои ги обединуваат сите жители на ова село да опстанат во тие тешки времиња, продолжи промоторот.

- Брезно ја има историјата на Македонија во мало, тука поминувале војски, тука газеле, тука поминувале секакви арамии, ограбувале народот, народот паѓал но повторно се кревал и останал свој на своето. Кога почувствувале дека има слобода, си дале уште една слобода да излезе од Брезно, да се отсели понатаму, меѓутоа да продолжи да ја негува својата историјата, своите обичаи и да го негува својот идентитет. Во ова дело Злате покажува како овие три случаи споменот на основањето на ова село овде, училиштето и црквата Света Богородица како тие го обединувале народот во Брезно и како му помогнале да го зачува своето собитие, посочи Вања Димитриевски.

Авторот Савески по професија е инженер, сега во пензија. ас/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан