• вторник, 24 декември 2024

Производителите на лешник се организираат за подобар пласман 

Производителите на лешник се организираат за подобар пласман 

Делчево, 5 октомври 2024 (МИА) - Ниските цени, немањето пласман и лошите климатски услови се едни од најчестите проблеми со кои се соочуваат производителите на лешник од Источниот регион. Сепак, споредбено со други овоштарски култури одгледувањето на лешник, според делчевскиот производител Љупчо Ромовски е далеку поисплатливо во однос на останатите овоштарски култури. 

За него проблем е само периодот додека почне да се собира родот, за кој во Делчевско, како што вели Ромовски, се чека и до пет, шест години, за разлика од Струмичкиот регион, каде времето потребно еден лешник да почне да дава род е од три до четири години.

-Цената е ниска, за пласманот сами се снаоѓаме, имаме и лоши климатски услови, но споредбено со други овоштарски култури се исплати оваа култура. Како што беше сушна годината добро е оваа година. Само многу се чека првите 4,5 години, се чека и има само вложување. Бербата  почнува по шестата година, кај нас не е како во Струмичко по 3-тата или 4-тата година. Јас имам 2 тони и некаде груба математика околу 5000 евра добивка. Имаме и субвенции од 2800 денари од декар за одржување на насадите со таа сума трошокот се покрива, појаснува Ромовски.

Шади Нуредини од гостиварски Балин Дол има околу 3000 дрвца со насади од лешник и годинава има произведено околу 25.000 килограми чист род. 

-За собирањето на родот имам набавено машина и многу сум задоволен од неа, бидејќи работата оди добро. Годинава имам околу 25.000 килограми. Пласманот ми е во странство, исклучиво во Италија, вели Нуредини. 

Производителите на лешници како од Источна, така и од Западна Македонија денеска се сретнаа на заеднички настан во село Истибања, на покана на Дарко Ангелов, сопственик на најголемиот  откупен центар за лешници. На настанот беа разменети искуства меѓу самите производители, но им беше претставен и планот околу понатамошниот пласман на родот. 

-Денеска е убав ден кога овде имаме гости од Италија, агроними од фирмата Маркизио. Тие се тука да дадат поддршка на земјоделците, да знаат дека нема да имаат проблем со откупот и во иднина да соработуваме. Тие се многу заинтересирани за нашиот лешник, вели Ангелов.

Неговиот откупен центар „Глорија“ кој се наоѓа на влезот на Истибања веќе почна со овогодишниот откуп.

-На самиот старт имаме откупено околу 30 тона лешник, а продолжува откупот се до јануари, февруари. Има повеќе сорти, нашата сорта во зависност од квалитетот се движи околу 220 денари за еден килограм. Годинава ќе биде една средна цена од 3,5 евра, оваа година е исклучок бидејки малку се повисоки цените. Целта ни е ако имаат слух од државата да го видат ова, нека дојдат да не побараат, да направиме еден сеопфатен план, за да се зголеми производството на лешници и да имаме директни инвестиции,  да извезуваме лешници како загарантиран производи, дециден е Ангелов.

Со цел да бидат поинтересни и прилагодливи за италијанскиот пазар, како откупен центар планираат производството да го прошират.

-Освен сегашниот полупроизвод планираме во иднина да почнеме со продажба и на готов производ како печени лешници. Годинава имавме доста род, квалитетот сега малку се нарушува со последните дождови, ланската година беше катастрофална, полани беше доста добра, додава Ангелов.

Александро Молеа, агроном од Италија, кој денес беше заедно со неговиот колега Маркизијо Рикардо од Пиемонте, најголемиот регион кој откупува лешници, изразија задоволство од она што Виница и воопшто државата го има како квалитет од лешниковиот род.

-Во Италија годинава имаше мал род на лешник и поради тоа цените пораснаа. Овде цените се задоволителни, ќе видиме со нашиот соработник колку можеме да откупиме. Оваа година ќе биде експериментална и мислам дека поради квалитетниот род кој го имате соработката ќе продолжи и понатаму, истакна Молеа.

На територијата на цела држава производството на лешник се движи околу 2000 хектари, а заработувачката од 3 тона продаден лешник и до 6000 евра. Генералната оценка на присутните на организираниот настан во село Истибања е дека лешниковите насади се зголемуваат и затоа повеќе од потребно е организирано да се настапува при пласманот на родот.

Во рамки на настанот пред присутните беа презентирани и органски ѓубрива со цел подобрување на квалитетот на произведен  лешник. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан