• сабота, 23 ноември 2024

Продолжува санацијата на Спомен-домот на Разловечкото востание

Продолжува санацијата на Спомен-домот на Разловечкото востание
Делчево, 30 мај 2022 (МИА) - Во делчевското село Разловци ќе продолжи санацијата на Спомен-домот на Разловечкото востание. Во рамките на годишната програма на Министерството за култура на РСМ во областа на инвестициското одржување, осигурување, адаптација и набавка на опрема се одвоени околу 721.000 денари за продолжување на втората фаза од санацијата на Спомен-домот „Разловечко востание“ во село Разловци, информира директорот на Центарот за култура, Методи Толевски, кој додаде дека договорот со Министерството за култура е потпишан, а наскоро треба да се распише тендерот за избор на најповолен економски оператор. - Втората фаза опфаќа замена на дрвената столарија со трајни материјали и термопан стакло со што значително ќе се подобри безбедноста на објектот, но и неговиот изглед, рече Толевски. Санацијата на Спомен-домот посветен на Разловечкото востание започна минатата година со времена санација на кровната конструкција која според директорот решава проблемот и се обезбедува времена заштита на објектот од надворешни влијанија. - Во следната фаза за санација на Домот е планирана санација на внатрешните ѕидови на Спомен-домот и административната зграда, како и уредување на влезот и скалите кон Домот, додаде Толевски. Спомен-домот посветен на Разловечкото востание долги години беше оставен без кров, само со црна хартија, а состојбата со објектот беше катастрофална. Спомен-домот „Разловечко востание“ е уникатно архитектонско дело на архитектот, проф. д-р Ѓорѓи Константиновски, кој во 1980 ја освои и првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“ на ниво на СФРЈ и на уникатен начин го чува споменот на првото вооружено востание на македонскиот народ за ослободување од Отоманската Империја. вс/ев/ 

Остани поврзан