• четврток, 26 декември 2024

Продолжува кампањата „Засади желба за поубава иднина“

Продолжува кампањата „Засади желба за поубава иднина“
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) – Со создавањето на „Пензиски парк“ во СОУ „Јане Сандански“ во Струмица вчера пензиските друштва продолжија со еколошките активности во рамки на кампањата „Засади желба за поубава иднина“. Оваа кампања, организирана од страна на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје, има за цел да ги едуцира младите за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд преку информативни, едукативни и еколошки активности. - Од октомври до декември минатата година беа засадени „Пензиски паркови“ во четири средни училишта низ државата, со активно вклучување на учениците во раззеленувањето на дворовите. Тогаш пензиските друштва најавија дека ќе се стремат кон продолжување на општествено одговорните активности со цел да се опфатат што е можно повеќе училишта во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови. Како што информираат од Сава пензиско друштво а.д. Скопје, вчерашната акција беше дел од најавените садења за оваа пролет, по кои ќе следат уште активности до крајот на годината. - На наше големо задоволство продолжуваме со отворање на Пензиски паркови во уште неколку училишта, со кои сакаме преку пример да им прикажеме на младите генерации дека секоја денешна постапка може да биде инвестиција во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и да ги мотивираме да станат активни учесници во грижата за животната средина. Сакаме да ја истакнеме паралелата помеѓу долгорочните ефекти од садењето на дрвја и грижата која е потребна да им се посвети за да успеат да пораснат и да ја оплеменат животната средина, со долгорочноста на штедењето за пензија, кое започнува од првото вработување и трае до зрели години. Грижата за дел од таа заштеда е на приватните пензиски друштва и таа трае со децении, но исто така треба и сите како индивидуи да се грижиме и да ја формираме таа заштеда. Среќни сме што кампањата „Засади желба за поубава иднина“ безрезервно ја прифатија директорите на училиштата, учениците, како и целата јавност, што ни дава уште поголем мотив да вложуваме во нејзиното одржување. Им благодариме на сите кои досега ни укажаа доверба и помогнаа во остварувањето на нашата идеја. Одиме заедно понатаму, кон градење на едуцирана младина која ќе може да донесе вистински одлуки во вистинско време, со што ќе создадеме поубава иднина за сите нас, истакна Зоран Габеданов, раководител на сектор во Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Во тек на вчерашната акција, како и во претходните, средношколците и претставниците од пензиските друштва го исчистија училишниот двор, ја подготвија почвата и засадија 15 средно созреани листопадни садници. - Како директор на СОУ „Јане Сандански“ чувствувам потреба да ја искажам огромната радост што токму на нашето училиште му е дадена привилегијата да биде дел од проектот „Засади желба за поубава иднина“. Упатувам благодарност до пензиските друштва затоа што со својата донација од 15 садници ќе го разубават нашиот двор, а воедно и ќе ја подигнат свеста кај јавноста, а особено кај младите за важноста на ваквите активности. Сигурна сум дека денешниот ден ќе биде мотивација за нашите вработени и ученици да ја продолжат мисијата на пензиските друштва и ќе се вклучат во други акции со слична цел. Ова не е првпат нашето училиште да биде дел од акција за грижа за природата - нашата еко секција има учествувано и во многу други активности за садење, прибирање отпад и слично, изјави Невенка Стојанова, директорка на гимназијата „Јане Сандански” во Струмица. По акцијата за раззеленување, на учениците им беше предадена одговорноста да се грижат за нивниот парк како симбол за активниот удел кој тие го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина. фф/дма/

Остани поврзан