• среда, 25 декември 2024

Продолжен мандатот на Лајчак како специјални претставник за дијалогот Белград-Приштина 

Продолжен мандатот на Лајчак како специјални претставник за дијалогот Белград-Приштина 

Брисел, 26 јули 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на мандатот на специјалниот претставник на Унијата за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања на Западниот Балкан, Мирослав Лајчак до 31 јануари 2025 година. 

Словачкиот дипломат на оваа должност првпат беше назначен на 2 април 2020 година, а неговиот мандат требаше да истече во септември и да ја преземе должноста амбасадор на ЕУ во Швајцарија. 

Покрај мандатот на Лајчак, Советот ги продолжи и мандатите на специјалните претставнички на ЕУ за Сахел и за Рогот на Африка, Емануела Клаудија Дел Ре и Анет Вебер. Мандатот на Дел Ре е продолжен до 30 ноември 2024, а на Вебер до 31 август 2026 година. Двете првпат се именувани на овие должности на 21 јуни 2021 година 

Дополнително, Советот нов специјален претставник на ЕУ за Косово го именува естонски дипломат Аиво Орав, кој на 1 септември на оваа должност ќе го наследи Томаш Шунјог. Орав кој во моментов е постојан претставник на Естонија во ЕУ, претходно беше и шеф на делегациите на Унијата во Подгорица и Скопје. 

Во исто време, на местото на Јохан Сатлер за нов специјален претставник на ЕУ за Босна и Херцеговина е именуван Луиџи Сорека, кој е вработен во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС). Претходно, тој ги извршуваше должностите специјален пратеник на ЕУ за надворешната димензија на миграцијата и шеф на делегацијата на Унијата во Албанија. 

Советот ги именува и шведскиот дипломат Јохан Боргштам за нов специјален претставник на ЕУ за африканскиот регион на големите езера и Чехинката Магдалена Гроно за специјална претставничка на Унијата за Јужен Кавказ и кризата во Грузија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан