• среда, 25 декември 2024

Проба за војна: Патот на Володимир Зеленски од комичар до симбол на храброста

Проба за војна: Патот на Володимир Зеленски од комичар до симбол на храброста
март 2022 Гардијан - Лондон Хју Боневил беше изненаден како и сите останати неделава, кога дозна за нивото на талентот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „До денеска, немав ниту идеја чиј е гласот на Падингтон Беар во Украина“, напиша тој на Твитер. Но, многу работи во шоубиз кариерата на Зеленски се потценети. Кога Зеленски беше избран во април 2019 година, на 41-годишна возраст, рускиот коментатор Сергеј Пархоменко изјави: -Тој е слаб, тој нема вера, тој нема националност. Беше кажано како критицизам, иако поради овие причини луѓето го дадоа својот глас за Зеленски. Тој не е застрашувачки. Тој нема политичка позадина. Тој е говорител на руски јазик од центарот на земјата. Но, најмногу од сè, за Украинците, тој беше препознатлив и беше смешен. Тоа фино момче од она ТВ шоу Слуга на народот. Знаеш, шоуто каде наставникот по историја станува претседател преку ноќ. Гласот на Падингтон.       Надвор од светот што зборува руски, не би знаеле ништо од ова. Веројатно не сте ни слушнале за ТВ шоуто, иако на крајот беше снимено од Нетфликс. (Сега е достапно на Јутјуб со англиски превод). Надвор од Украина, до минатата недела, тој беше нарекуван „комичарот кој стана претседател“. Првичното известување за неговата победа - кога освои 73.2 отсто од гласовите - беше потсмев. Што ли мислеа Украинците? Кое е ова момче? Едвај е Роналд Реган. Каква шега.       Но, зборот „комичар“ е погрешен. Сугерира дека станува збор за некој кој е прво, несериозен, а второ, соло изведувач. Зеленски не е ништо од тоа. Никогаш не бил стенд-ап комичар. Традицијата на „монолошка комедија“ е прилично ново нешто во постсоветските земји. (Можеби единствениот постсоветски стенд-ап, познат надвор од Русија или Украина, е Игор Меерсон од Санкт Петербург, кој има перформанси на руски и англиски и беше на турнејата на Еди Изард). Исто така, што е сега очигледно од виралните видеа од животот на Зеленски пред да стане претседател, неговата кариера можеби спаѓаше во забава, но, тој се однесуваше крајно сериозно. Тој е зависник од работа, отсекогаш мислел на бизнис и е тимски играч. Тоа се квалитетите - ковани во печката на постсоветскиот шоубиз - што му даваат предност. Тоа „тимски играч“ е навистина интересно – и можеби е тешко веднаш да се сфати од западна перспектива. Ако помислете на модел за шоубиз успех на САД или европски - особено кај комедијата - изведувачите често започнуваат во колективи (Saturday Night Live, The Day Today), но, тие ретко остануваат заедно. Наместо тоа, тие, најчесто, ги користат колективите како отскочна даска за кариерата како соло изведувач. Зеленски, пак, отсекогаш беше дел од нешто поголемо од него. Тој започна во 1995 година, како тинејџер, како импровизатор на натпреварите на КВН во неговата област. КВН (Klub Vesyolykh i Nakhodchivykh, или Клуб на смешните и инвентивните) е  сакана институција, позната низ целиот поранешен Советски Сојуз, што стана една од најдолгите шоуа на руската телевизија. (Неактивна е во објавите на социјалните мрежи од 27 февруари). Произлезе од ТВ шоу од 60-тите Vecher Vesleykh Voprosov (Вечер на смешни прашања), каде изведувачи се натпреваруваа во најсмешни одговори, во стил на комедијата Whose Line Is It Anyway?. Престана да се емитува во раните 70-ти, повторно е оживеано во 1986 година. Зеленски беше силен конкурентен импровизатор и стана дел од украинскиот Квартал 95, тим од околу 10 играчи, на турнеја во тогаш неодамна распаднатиот СССР, победувајќи на КВН натпревари и усовршувајќи ги нивните скечеви на руски јазик. Нешто доста подоцна, тие почнаа да прават повеќе скечеви на украински јазик: приказната на Зеленски ја претставува флуидноста и поделбите меѓу руската и украинската културна публика. Тој е и не е „еден од нашите“. Во 2003 година, Квартал 95 стана независна продукциска компанија, правејќи ТВ шоуа и филмови за публиката што зборува украински и руски јазик. Проектот доби поттик кога Зеленски победи на украинската верзија на Танц со ѕвездите во 2006 година, настапувајќи со неговата професионална партнерка, Алена Шоптенко. Таа е сè уште една од 196-те лица, кои тој ги следи на Инстаграм. (Тој има 13.4 милиони следбеници). Најдобрите моменти ги вклучуваа Blue Suede Shoes, кога Зеленски носеше целосно розов-сатен- комбинезон, мустаќи од молив за танго на Big Spender, румба со врзани очи на The Shape of My Heart на Стинг, како и невообичаено, американски облечен како Чарли Чаплин. Неговите настапи имаа енергија и тој беше во форма. Тоа беше - и сè уште е - очигледно многу важно за него: додека да стане претседател, редовно објавуваше видеа на социјалните мрежи од теретана, или пливајќи, или џогирајќи во Њујорк. Неговата работа на екранот се зголеми. Во 2008 година, тој го играше Игор, руски заболекар, кој живее во Њујорк, во Love in the Big City. Игор е еден од тројцата пријатели кои ненадејно се импотентни, мора да го најдат патот до вистинската љубов, за да ја вратат својата мажественост. (Лесно е да се гледа омаловажливо на ова, но филмот заработи девет милиони долари на благајните и фер е да се каже дека  The 40-Year-Old Virgin на Стив Карел, не е многу поразличен). Следеа два продолжетоци. Во Office Romance: Our Time (2011), тој го играше Анатоли, финансиски аналитичар, кој има шефица со тежок карактер. Обидувајќи се да биде унапреден, тој се вљубува во неа. Rzhevsky Versus Napoleon (2012), нешто како Carry On Napoleon со Жан-Клод Ван Дам (тој се откажа од хонорарот) и Ксенија Собчак (ќерка на поранешниот градоначалник на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак и се шпекулира дека е кума на Путин) е еден од најмалку успешните проекти на Зеленски. Тој го игра триумфалниот Наполеон кога ја зазеде Москва и маршира кон Санкт Петербург. (Путин не е познат како голем љубител на киното, но човек да се запраша дали го има видено овој филм). Неговиот стил на комедија е во царството на Стив Мартин или Стив Карел: најврвни ликови, тешки на ударни линии и игри со зборови, но, секогаш на вистинската страна на шармантноста. Филмовите се класични постосветски комедии: најверојатно ќе бидат видени како наивни, старомодни или барем, малку политички некоректни, од страна на западната публика. Неговите скечеви со Квартал 95 се слични на Saturday Night Live: прикажуваат римејк на сцени од Шекспир, исмејување инфлуенсери или облекување на мажи како бабушки - стари жени. Некои од нивните најдобри работи се визуелни. Видеото во стил на Бијонсе, што е многу споделувано оваа недела е добар пример. Четворица мажи, облечени во кожени куси маички и хеланки, се обидуваат да прават секси акробатски движења, додека ги пеат пофалбите на украинските деликатеси: „“Borsch! Salo [свинска маст]!”, Зеленски со јазикот си ги поминува усните, додека гледа во камерата: “Tzybulya [кромид]!”. Има многу шеги со пенисот (мислам Бени Хил наместо Монти Пајтон, иако вториот е ставен како инспирација за Зеленски), заедничка карактеристика на ликовите на идниот претседател е незгодната ерекција. Можеби „незгодна“ е погрешен збор, доколку го имате видено скечот каде тој свири Хава Нагила без раце, панталони околу глуждовите, свирејќи на пијано. Но, патот од непристојна комедија до претседател немаше да се случи без еден успех: Слуга на народот. Шоуто е во сопственост на Квартал 95, имаше три сезони емитувани од 2015 до 2019, со Зеленски како креатор, продуцент и ѕвезда. Последната - 51 епизода - се емитуваше на 28 март 2019, Зеленски победи на изборите на 21 април истата година. Една година претходно, Квартал 95 го регистрираше Слуга на народот како име на нова политичка партија. Зеленски го игра Васил Петрович Холобородко, несреќен наставник по историја, кој случајно е ставен на претседателската функција, откако видео од него, како ја осудува Владата, станува вирално. Тоа што го доведе Холобородко до победа, стана како робот танцот на Рики Џервис во The Office, но на секој втор збор се слуша - бип- бидејќи е пцовка. Интересна е јазичната содржина на Слуга на народот. На руски јазик е, Холобородко е Украинец кој зборува руски. Но, некои ликови зборуваат на украински јазик. Сепак, славниот дел е на руски - и е „мастерклас“ за тоа како пцуењето е свој јазик (нешто во кое веруваат оние кои зборуваат руски). Покрај звуците, може да се слушнат зборовите „okhuyenniye“ и „pokhuy“ („еб**о“) „suka“ (превод „кучка“, вообичаено се користи како „по ѓаволите“), „pederasty“ (што ним им значи „копилиња“) и „pizdets“ („п***а“). Завршува со „Посакувам секој наставник да живее како претседателот. И претседателот - таа п***да - да живее како наставник. Ви го кажувам ова како наставник по историја. Иако, вас не ви е грижа. Копилиња!“ Милиони го имаат изгледано клипот од 2015 година и го поврзуваат Зеленски со него - на добар начин. Има иронична паралела со виралните видеа од реалниот живот што доаѓаат од Украина во овој момент, што се зачинети со точно истите зборови. Како што напиша Идо Вок во Њу Стејтсмен, еден руски пријател му рекол оваа недела: „Зошто се бориме со луѓе кои пцуат како нас?“ Зеленски и Холобородко претставуваат обичен фраер, кој е на крајот од неговото јаже и може навистина, правилно да пцуе. Адутот, што сега е очигледен, е статусот на Зеленски како тимски играч. Во неговото обраќање до Русите минатата недела, тој побара од нив да ја доведат во прашање официјалната пропаганда. Зошто би поддржал војна чии цели се градови, што тој ги знае и сака? „Да се пука во кого? Да се бомбардира што? ... Луганск? Домот на мајката на мојот најдобар пријател? Местото каде е погребан неговиот татко?“

Најдобриот пријател, за кого тој зборува, е Евгени Кошевој, познат како „Лусу“ (без коса - може да го видете како танцува во видеото „Бијонсе“), чие семејство е навистина од Луганск. Двајцата работеа заедно 18 години и ја делеа сцената пролетта 2014 година, кога Квартал 95 имаше настап пред војници на фронтот, кога започна војната во Донбас. Кошевој еднаш изјави за ова време: -Луѓе ни кажаа дека се смееле на нашите шеги - се смееле за првпат со недели - таа ноќ“. Тој исто така сведочеше за работната етика на Зеленски. -Еднаш тој многу се разболе, салмонела од лошо јајце, но, сепак излезе на сцена за настап на концерт - ние го однесовме до сцената, појасни тој. Дејвид Бадиел, оваа недела објави на Твитер: „Една работа за Володимир - не мислам дека ќе се сврти назад да погледне за неговото време (за што се надевам ќе продолжи уште многу години) и ќе помисли дека не пиел целосно од чашата на животот“. Шоуто мора да продолжи.  бд/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан