Приоритетите на полското претседателство главна тема на Советот за општи работи на ЕУ
- Полскиот министер за Европската Унија, Адам Шлапка, кој и ќе претседава со заседанието, пред своите колеги ќе ги презентира приоритетите на полското претседателство со фокус на оние прашања кои спаѓаат во надлежност на Советот за општи работи.
Брисел, 28 јануари 2025 (МИА) – Приоритетите на полското претседавање со ЕУ во првите шест месеци од годинава ќе бидат главна тема на денешното заседание на Советот за општи работи на Европската Унија.
Полскиот министер за Европската Унија, Адам Шлапка, кој и ќе претседава со заседанието, пред своите колеги ќе ги презентира приоритетите на полското претседателство со фокус на оние прашања кои спаѓаат во надлежност на Советот за општи работи.
Варшава за време на своето шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ, според најавите, планира да се посвети на седум димензии на концептот за поголема безбедност на Унијата. Безбедносната мултидимензионалност на која планира да работи Полска ќе биде насочена кон зајакнување на надворешната, внатрешната, кибер, економската, енергетската, прехранбената и здравствена безбедност на ЕУ и нејзините граѓани.
Полска оцени дека го презема претседавањето со Советот на ЕУ во време на неизвесност и загриженост, кога Европа се бори со последиците од вооружената агресија на Русија врз Украина и потребата од зајакнување на сопствениот одбранбен капацитет.
- Сведоци сме на зголемени геополитички тензии, ерозија на меѓународниот поредок заснован на правила и хибридни напади насочени кон европската демократија и безбедност. За Европа, ова е време на одлука. Европската Унија мора да се заштити себеси и своите граѓани и да се грижи за своето непосредно соседство. Таа мора да им даде на Европејците чувство на сигурност и перспективи за развој. Одговорноста за идните генерации бара единство на ЕУ и подготвеност да работиме со партнерите кои ги споделуваат нашите вредности, особено со аспирантите за членство, и не обврзува да ги браниме вредностите на кои се заснова Унијата, како што се демократијата, слободата и владеењето на правото, посочи полското претседателство со ЕУ пред преземањето на должноста.
Инаку, во надлежност на Советот за општи работи на ЕУ се подготовките на заседанијата на Европскиот совет, односно средбите на шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата, како и повеќе меѓусекторски области, како пристапните преговори, повеќегодишната финансиска рамка на блокот, кохезивната политика и прашања поврзани со институционалната поставеност на Унијата.
Покрај, за приоритети на полското претседавање на денешното заседание на Советот министрите или државните секретари задолжени за европски прашања во рамки на годишниот дијалог за владеење на правото ќе разговараат за состојбите во оваа сфера во Унгарија, Португалија, Романија и Словенија.
Дијалогот се базира на годишниот Извештај на Европската комисија за владеење на правото, кој содржи оценки за состојбите во националните правосудни системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и плурализмот, како и за други институционални прашања.
Во ланскиот, петти по ред, Извештај на ЕК за владеење на правото првпат беа вклучени и Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија. - Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки, посочи Еврокомисијата при објавувањето на документот. сп/
Фото: МИА Архива