• среда, 25 декември 2024

Принцот Чарлс стана моден дизајнер

Принцот Чарлс стана моден дизајнер
Лондон, 13 ноември 2020 (МИА) - Британскиот престолонаследник, принцот Чарлс, повеќепати беше прогласуван за најдобро облечен маж на светот од машките магазини, како што се „Eсквајер“ и „Џи-кју“, а сега ја претстави и својата линија облека. Колекцијата „Модерн артисан“ (Modern Artisan) е составена од 18 луксузни парчиња облека - десет женски и осум машки, изработени од најквалитетни природни материјали и според принципите на одржливост што ги застапува принцот во сите области од животот. Кога станува збор за облеката, како што изјави за британски „Вог“, тој е згрозен од „брзата мода“, при што се купува и се фрла облека во големи количини. - Претпочитам да ги поправам и преработувам, наместо да фрлам работи од плакарот, истакна тој. За тоа, се чини, сведочат и фотографиите направени изминативе десет години на кои принцот носи две идентични палта. Палта, јакни, кошули и панталони се составен дел од проектот финансиран од Фондацијата на принцот, а во соработка со италијанскиот бренд „Јукс-нет-а-портер“. Облеката со потпис на британскиот принц ќе се продава преку нивната интернет-страница. Целта за оваа долгорочна соработка, меѓу другото, е зајакнување на традиционалните вештини во производството на облека во Велика Британија и во Италија. Целиот приход ќе се вложи во програми за курсеви по текстил за млади луѓе преку Фондацијата на принцот. си/сд/

Остани поврзан