• петок, 05 септември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Прилеп нема проблем со водата, но потрошувачката е енормно зголемена

Прилеп нема проблем со водата, но потрошувачката е енормно зголемена

Прилеп, 9 јули 2025 (МИА) - Прилеп нема проблеми со водоснабдувањето, но поради жештините, енормно е зголемена потрошувачката на вода, па надлежните во прилепски „Водовод и канализација“ мора да пренарочуваат количества вода во системот од ниските во високите зони и обратно. Тоа предизвика намален притисок изминатите денови во одредени населби и во повисоките катови на зградите.

-Прилеп, вообичаено троши 260-тина литри вода во секунда, но во попладневните часови потрошувачката се зголеми на 420 литри вода во секунда што, секако, направи проблем. Па моравме во системот да правиме пренасочувања, што не е препорачливо, па имавме пренасочувања од ниските во високите зони и обратно. Изворот Студенчица има доволно дарежливост, не очекуваме проблеми во наредниот период, вели Игор Гулабоски, директор на прилепското јавно комунално претпријатие „Водовод и канализација“.

Надлежните се соочуваат со дефекти на кои постојано работат. Што се однесува до водоводот до манастирот Трескавец, тој е веќе направен, набавени се деловите што пред неколку месеци беа украдени.

-Со средства од општината надоместени се деловите што беа украдени при изградбата на водоводот до манастирот Трескавец. Водоводот е направен, останува Црквата во внатрешноста на Манастирот да го заврши делот со водоводна мрежа, рече Гулабоски.

Инаку, моменталните губитоци на вода од водоводниот систем во Прилеп се 56 проценти. Тие се од диви криклучоци и дел од застарена водоводна мрежа која треба да се замени.

Прилепски „Водовод и канализација“ има обврски од 30 милиони денари спрема добавувачи долг од 10 милиони денари кон ЈП „Студенчица“, кои регионалниот систем ги сервисира редовно, уверува Гулабоски.

-Постепено плаќаме рати и долгот нема да направи никаков проблем во водоснабдувањето рече Гулабоски. ем/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан