• сабота, 23 ноември 2024

Прилеп го слави 3 Ноември - Денот на ослободувањето

Прилеп го слави 3 Ноември - Денот на ослободувањето

Прилеп, 3 ноември 2022 (МИА) - Со почит за загинатите борци прилеп денеска го почна одбележувањето на 3 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. Бројни делегации, од локалната самоуправа, на Сојузот на борците, на здруженија, политички партии и од граѓаните беа положени венци и свежи звеќиња на месноста Песјо брце пред споменикот на загинатите борци каде се одвивале завршните борби за ослободувањето на градот пред 78 години.

Почит им беше оддадена и на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, пред неговиот споменик во центарот на градот, пред споменикот на идеологот на НОБ Кузман Јосифоски Питу пред меморијалниот музеј „11 Октомври“ и на Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите борци од НОБ и Револуцијата.

Во чест на празникот на Прилеп во „Арт кафе“ во центарот на градот  беше отворен турнир во забрзан шах, а централното одбележување е вечер од 19 часот во собраниската сала на Општината каде на свечена седница ќе бидат доделени највисоките признанија на градот - Третоноемвриските награди и наградата за животно дело.

Прилепскиот и македонски уметник, сликарот Кирил Гегоски е добитник на наградата за животно дело, а ќе бидат доделени и третоноемвриски плакети и дипломи на организации, здруженија и на поединци за посебен придонес во сите области што го поврзуваат развојот на градот. ем/сст/

Остани поврзан