• сабота, 09 ноември 2024

Прилепскиот пазар побезбеден, цените на производите варираат

Прилепскиот пазар побезбеден, цените на производите варираат

Прилеп, 11 јули 2023 (МИА) - По реакциите на производителите и продавачите од прилепскиот градски пазар за кражби на нивните производи што ги изнесуваат на тезгите се зголемува безбедноста на пазарот.

- Ми украдоа дел од изнесените производи. Се пожаливме во јавното претпријатие „Пазари“, вели производителот на градинарски култури Зоран Трајкоски.

Игор Крстески, директор на ЈКП „Пазари“ вели дека ги добиле поплаките и известува дека не се надлежни за безбедноста по затворањето на градскиот пазар во центарот на Прилеп.

-Пазарот нема надлежност да врши обезбедување на стоката што ја нудат закупувачите на тезгите. И според пазарниот ред, и според договорот што го потпишуваат, закупувачот е должен да ја изложи тезгата на почетокот на работниот ден и при заминувањето стоката треба да си ја повлече со себе. Секое оставање на стоката е на сопствен ризик, изјави Крстески.

Александар Дичоски од Агенцијата за обезбедување на Градскиот пазар во Прилеп, која има договор со ЈКП „Пазари“ за обезбедување на просторот од преку 5000 метри квадратни, уверува дека во периодот кога Агенцијата обезбедува, од 19 часот до 7 часот изутрина секој ден, нема забелешки.

-Одговорно тврдиме дека додека обезбедуваме нема штети. Имаше случај кога пријавија штети од пазарџиите, прво до директорот на ЈКП „Пазари“. Поверивме на безбедноскните камери, забележано беше лице. Тоа се случуваше надвор од периодот во кој обезбедуваме. Со случајот се запознати претпријатието и МВР. Инаку, ние ги обезбедуваме тезгињата на зелениот пазар, во текстилниот и дуќаните во пазарот. Мал е процентот, околу 20 насто од корисниците кои го плаќаат надоместот за заштита на нивната стока на зелениот пазар. Но ние одговорно се грижиме за просторот за кој одговараме, ни изјави Дичоски.

Во пазарот има вкупно 16 камери, во последниот период се инсталирани нови за поголема безбедност за стоката на продавачите.

Што се однесува до цените на производите, кои се и барометар на стандардот на граѓаните, и продавачите и производителите, како и купувачите се исплашени од неизвесноста со која се движат цените на зелениот пазар.

- Скапо е, ама мора да се купува, да се јаде. Бараме каде има поевтино, велат купувачите што ги анкетиравме.

Производителите и продавачите на прилепскиот градски пазар велат дека е намалено земјоделското производство, бидејќи младите не сакаат да произведуваат. 

Прилепскиот градски пазар се простира на околу 5000 метри квадратни со преку 400 тезги и е еден од најголемите во Регионот. ем/дма/

Фото: МИА

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан