Прилепскиот Музеј со голем зафат на обнова на Паркот на револуцијата и споменикот на градот
- Прилепскиот Завод и музеј со голем проект ги обнови Алејата на народните херои, Могилата на непобедените, урните во Паркот на револуцијата и споменикот на Песјо Брдце, на периферијата на Прилеп, местото каде биле завршните борби за конечното ослободување на Прилеп. Ова е прв поголем проект на Музејот во последните децении, а е во пресрет на празникот на градот - 3 Ноември, Денот на конечното ослободување.
Прилеп, 1 ноември 2023 (МИА) - Прилепскиот Завод и музеј со голем проект ги обнови Алејата на народните херои, Могилата на непобедените, урните во Паркот на револуцијата и споменикот на Песјо Брдце, на периферијата на Прилеп, местото каде биле завршните борби за конечното ослободување на Прилеп. Ова е прв поголем проект на Музејот во последните децении, а е во пресрет на празникот на градот - 3 Ноември, Денот на конечното ослободување.
-Патеката и Алејата на народните херои се обновени во целост. Сменети се плочите на бистите кои беа оштетени и искршени. Сменет е комплетниот лик на урните на Могилата на непобедените зашто со техника на пескарење успеавме да го вратиме стариот лик на урните, а во Криптата каде се имињата на паднатите борци, се сменети сите искршени, исчкртани и оштетени плочи. Обновена е целата патека од почетокот на Паркот на револуцијата па до Амфитеатарот кој е, исто така обновен. Обновен е и зачуван и споменикот на Песјо Брдце, објаснува Горан Цветкоски, директор на прилепскиот Завод и музеј.
Од Сојузот на борците ја поздравуваат оваа обнова, а задоволни се што нивната иницијатива за поставување уште на петте бисти на народни херои ќе наиде на рализација.
- За поздравување е што ќе се реализира нашата иницијатива покрај бистите на 10-те народни херои во Алејата на хероите, ќе бидат поставени и уште петте бисти на народните херои. Прилеп дал 15 народни херои, од кои 10 загинале во НОБ и Револуцијата, а петмина починаа по Ослободувањето, изјави Рубин Белчески, претседател на прилепскиот Сојуз на борци.
Во Прилеп и Прилепско се 160-тина споменици, обележја и спомен плочи. Периодот на вандализмот е надминат, но сѐ уште има уништувања.
- Најнападнати се Паркот на револуцијата, Могилата на непобедените, Алејата на народните херои и споменикот на Песјо Брдце, кои ги обновуваме. Сведоци сме дека речиси сите спомен-плочи се оштетени, некои сопственици не сакаат ниту да ги постават, има оштетувања и мора да се води поголема грижа. Се надевам дека идниот период ќе посветиме уште поголемо внимание и грижа, рече Цветкоски.
Во надлежност на Музејот се спомениците на културата, а другото го одржувааат локалните власти. ем/мд/
фото: МИА