• среда, 27 ноември 2024

Прием организиран од првиот вицепремиер Меџити по повод годишнината од Рамковниот договор

Прием организиран од првиот вицепремиер Меџити по повод годишнината од Рамковниот договор

Скопје, 14 август 2024 (МИА) - По повод 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, првиот вицепремиер Изет Меџити синоќа организираше прием за претставници на дипломатскиот кор во земјава, државниот врв, пратеници, граѓанскиот сектор и други гости.

Како што соопшти Кабинетот на Меџити, во својот говор тој истакнал дека Договорот од 13 август 2001  е исклучително важен стратешки документ што донесе мир и дека „со помош од најважните наши стратешки меѓународни пријатели, тогаш сме донеле вистинска одлука“.

-Денес, после 23 години, 13 август ни донесува обединување на сите етнички заедници во славењето на значајните општествени придобивки кои се резултат на уставните амандмани кои произлегоа од Охридскиот договор. Како никогаш претходно, со сите денешни државни настани испраќаме порака дека и од поразите и победите со оружје и човечки жртви, имаме капацитет да извлечеме поуки, ја познаваме мудроста и имаме силна волја да гледаме во заедничката иднина, истакнал Меџити.

Како што се наведува во соопштението, првиот вицепремиер посочил дека Охридскиот договор „ги постави фундаментите за целосна интеграција на албанскиот народ во државните институции, ја вреднува улогата на Албанците во формирањето на Северна Македонија, создаде функционални механизми за употребата на албанскиот јазик на централно и локално ниво, за начинот на употреба на идентитетските симболи за Албанците, го дефинираше правецот на децентрализацијата на општините и претставува симбол на градење мостови за заемна доверба“.

-Охридскиот договор сам по себе има многу благородна цел. Тој го отвори патот за сеопфатен процес на интеграција на Албанците. Создавање еднакви можности за образование, вклучително и универзитетско образование, отворање работни места, основање културни и уметнички институции, овозможување публикации, воспоставување медиуми преку инклузивни јазични политики, градење рамноправни елити, едноставно го редефинира општеството на повисоко демократско ниво. Овој процес кој се уште трае, во својата основа ја има слободата - слободата на поединецот како основен составен дел на секој облик на општествено организирање, а оттука претставува основа за заштита и унапредување на колективните права на етничките групи, и затоа не смее да стане заложник на волјата на различни политички субјекти, истакнал Меџити.

Додал и дека државата денес се соочува со сериозни предизвици, како нова Влада затекнале „девастирани институции кои во моментот се уште немаат капацитет да бидат сервис на граѓаните“ и дека работат напорно да ја вратат државата „на вистинскиот колосек“. хс/ 

Фото: Кабинет на прв вицепремиер Изет Меџити 

 

 

 

Остани поврзан