• понеделник, 23 декември 2024

Пригожин: Единиците на „Вагнер“ почнаа со повлекување од Бахмут, ќе бидат заменети со редовната руска војска

Пригожин: Единиците на „Вагнер“ почнаа со повлекување од Бахмут, ќе бидат заменети со редовната руска војска

Бахмут, 25 мај 2023 (МИА) - Руската приватна воена компанија „Вагнер“ почна да ги повлекува своите единици од украинскиот град Бахмут и да ги префрла освоените позиции на редовните руски трупи, јавија британските медиуми, повикувајќи се на денешна видео изјава на нејзиниот основач Евгениј Пригожин.

-Ги повлекуваме нашите единици од Бахмут. Од денеска во 5 часот, на 25 мај, до 1 јуни, повеќето единици ќе бидат прераспоредени во задните кампови. Ги предаваме нашите позиции на војската, објави основачот на Вагнер.

Видеото беше поставено на каналот Телеграм од неговата прес-служба и на неа Пригожин е прикажан во борбена опрема како стои до станбена зграда оштетена од војната.

Тој во саботата го соопшти заземањето на Бахмут по најдолгата и најкрвавата битка во оваа војна.

Во својата најнова видео изјава, основачот на Вагнер, кој постојано јавно ги критикуваше високите руски одбранбени функционери, кажа дека неговите сили ќе бидат подготвени да се вратат во Бахмут доколку редовната армија не може да се справи со ситуацијата. сд/

Остани поврзан