• вторник, 24 декември 2024

Приврзаниците на опозицијата во Бангладеш се судрија со полицијата барајќи оставка од владата

Приврзаниците на опозицијата во Бангладеш се судрија со полицијата барајќи оставка од владата

Дака, 29 јули 2023 (МИА) – Голем број приврзаници на опозициската националистичка партија на Бангладеш, предводена од поранешниот премиер Калед Зија, беа повредени денеска во судири со полицијата во Бангладеш на протестите со кои се бара оставка од премиерката Шеик Хасина и трансфер на власта на непартиска, преодна влада до следните избори кои се очекуваат на почетокот на јануари.

Партијата на Зија ја обвинува Хасина за кражба на гласови во 2018 година и протестира и за тоа кој треба да ги надгледува следните општи избори.

Стотици активисти денеска се обидоа да блокираат неколку влезни точки во Дака, додека полицијата употреби солзавец и ги нападна со пендреци за да ги растера.

Приврзаниците на опозицијата возвратија со фрлање парчиња цигли кон полициските возила, соопшти полицијата.

Портпаролот на полицијата во Дака, Фарук Хосеин, рече дека полицајците уапсиле најмалку 90 опозициски активисти за време на петчасовниот протест во делови од градот и дека 20 полицајци биле повредени во судирите со демонстрантите.

Партијата на Зија подоцна објави дека повеќе од 100 нејзини активисти се повредени. Соопштено е и дека полицијата уапсила најмалку 124 нејзини членови.

Хасина се надева дека ќе остане на власт четврти последователен мандат и вели дека изборите треба да се одржат под надзор на нејзината влада како што е наведено во уставот.

Но, партијата на Зија и нејзините сојузници ја обвинуваат Хасина за кражба на гласови во 2018 година и велат дека таа мора да се повлече за да дозволи да се воспостави непартиска привремена влада за да се обезбеди слободно и фер гласање.

САД, Европската унија и Обединетите нации ги повикаа сите страни да покажат воздржаност и да работат на одржување фер и правични избори. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан