• понеделник, 23 декември 2024

Привремено запрена имиграциска реформа на администрацијата на Бајден

Привремено запрена имиграциска реформа на администрацијата на Бајден

Вашингтон, 27 август 2024 (МИА) - Судија од Тексас нареди привремено запирање на политиката на администрацијата на Џо Бајден, која предвидуваше олеснување на процедурата за добивање законски статус во САД за брачните партнери на американски државјани.

Со ова се нанесува удар врз една од најважните мерки во реформата на имиграцискиот систем во земјата, планирана од претседателот Бајден.

Во изјава, Бајден ја оквалификува одлуката на судијата како грешка и истакна дека нема причина да се разделуваат семејствата. - Тие треба да можат да продолжат да живеат заедно и мојата администрација ќе продолжи да се бори за нив, подвлече Бајден.

Судијата Џеј Кембел Баркер го суспендираше спроведувањето на политиката за 14 дена во рамките на постапка покрената од главните обвинители на 16 американски држави, кои ја оспоруваат политиката на администрацијата на Бајден.

Во јуни, Бајден најави мерка која беше наменета да го олесни пристапот до државјанство за околу половина милион имигранти кои се во брак со американски државјани.

Шеснаесетте држави кои презедоа чекори против оваа мерка сметаат дека таа ќе чини милиони долари на јавните услуги, особено во областа на здравството, образованието и спроведувањето на редот.

Администрацијата на Бајден вложува напори за дејствување во областа на имиграцијата, тема која ги дели Американците пред претседателските избори. Демократската партија се обидува да воведе построга политика во однос на нелегалната имиграција, но истовремено и реформи кои подобро ги штитат човековите права и фундаменталните слободи. Од друга страна, Доналд Трамп, кој се бори за реизбор, ги претставува САД како земја погодена од миграциска инвазија.

Реформата која сега беше суспендирана од тексашкиот судија се однесуваше на лица кои престојувале во земјата најмалку 10 години и се ожениле со американски државјани пред 17 јуни 2024 година, како и околу 50.000 доведени деца на американски државјани. Лицата чии молби за државјанство ќе бидат одобрени согласно оваа мерка, ќе добијат дозвола за работа и право да останат во САД за определен период кој може да достигне до 3 години. Во тој период, тие ќе можат да аплицираат за зелена карта. ссм/

фото: архива

Остани поврзан