• понеделник, 23 декември 2024

Претставници од Бигорски на именден кај Сесветиот Вселенски Патријарх

Претставници од Бигорски на именден кај Сесветиот Вселенски Патријарх

Дебар, 11 јуни 2024 (МИА) - Претставници од Бигорски манастир, со благослов на епископот Антаниски г. Партениј вчера и денеска присуствувале на одбележувањето на именденот на Сесветиот Вселенски Патријарх, информираа за МИА, од Бигорскиот манастир.

-Меѓу многубројните присутни од повеќе земји, беа и нашите браќа, архимандритот Кирил и јеромонахот Еразмо, кои допатуваа во Фанар, како претставници на нашата монашка заедница, со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој заради впишувањето на Светите Спасо и Спаса во Диптихот на Светиите не беше во можност и самиот да отпатува. Нашите отци беа удостоени со посебен прием во кабинетот на Неговата Сесветост, каде што му ги пренесоа честитките, молитвите и благопожелбите од нашиот Старец, од братството и од сестринствата, рекоа од манастирот.

Додаваат дека од своја страна, Патријархот им ја изразил на браќата својата срдечна благодарност и ги „испратил своите патријаршиски и татковски благослови за клирот и народот на Охридската Архиепископија“.

-Братството на Светата бигорска Обител му благодари на Бога што на светиот Вселенски Престол денес се наоѓа една таква богомдарувана личност, којашто е благослов за целата Христова Црква. Нашата радост е голема што во овие бурни времиња имаме Водач кој со својата мудрост и духовна длабочина ги води верниците кон светлината на Христовото познание. Од длабочините на своето срце, нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со браќата и сестрите, му посакува на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј уште многу години да ја води Христовата Црква исто како и досега, со добри дела, со небесна мудрост и со татковска љубов. Секој негов збор и дело сесведоштво за силата на верата и љубовта кон ближниот, кои ни служат како пример и вдахновение, нагласуваат од Бигроски.

Празнувањето започнало синоќа со празнична Вечерна богослужба, на којашто молитвено престојувал Сесветиот Патријарх, а свеченото празнување продолжило и денеска со празничната Утрена богослужба и со Божествената Евхаристија. вт/вј/

Фото: Бигорски манастир

 

Остани поврзан