Претставници на Амбасадата на САД во посета на Бигорскиот манастир
- На средбата станало збор за повеќе актуелни прашања од животот во манастирот, со посебен акцент на неговото долгогодишно делување на полето на духовната и социјалната мисија.

Дебар, 7 март 2025 (МИА) - Претставници на Амбасадата на САД во земјавa денеска беа во посета на Бигорскиот манастир.
- Метју Фланес, политички советник, и Митко Бурчевски, политички аналитичар при амбасадата, беа примени од неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, информираа од манастирот.
На средбата станало збор за повеќе актуелни прашања од животот во манастирот, со посебен акцент на неговото долгогодишно делување на полето на духовната и социјалната мисија.
-Особено внимание беше посветено на програмата за рехабилитација и ресоцијализација на лица зависни од наркотични средства, која во изминатите години даде значајни плодови и помогна на многумина во нивниот пат кон целосно обновување на личноста и кон станување на полезни личности во општеството, додаваат од манастирот.
Минатиот петок во посета на ова наше познато светилиште беа амбасадорите на Албанија Денион Меидани, на Италија Паоло Палминтери, на Унгарија Андраш Клеин, на Чешката Република Јарослав Лудва и амбасадорот на Кралството Шпанија Рафаел Соријано Ортиз.
Амбасадорите, како што информираа од манастирот, ја изразиле својата восхитеност од убавината на Обителта, од нејзината повеќестрана мисија, како и од гостопримството на монашкото братство.вт/
Фото: Бигорски манастир