Претседателот на Собранието Џафери се сретна со неговиот естонски колега Хусар
- Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска, на маргините на Европската конференција на претседатели на парламенти во Даблин, оствари средба со Лауир Хусар, претседателот на Парламентот на Естонија.
Скопје, 28 септември 2023 (МИА) – Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска, на маргините на Европската конференција на претседатели на парламенти во Даблин, оствари средба со Лауир Хусар, претседателот на Парламентот на Естонија.
Како што информираат од собраниската прес-служба, претседателот Џафери ја поздрави иницијативата за потпишување на Меморандум за соработка меѓу двете држави во делот на дигиталната трансформација на општеството.
Тој рече дека е од голема важност да продолжиме со поддршка на Украина во борбата против рускиот агресор и во обновувањето на нејзиниот територијален интегритет. Изрази благодарност за континуираната поддршка од Естонија, како порано за членството во НАТО, така и сега, за членството во Европската Унија.
Во продолжение на средбата, претседателот Џафери го информираше соговорникот за започнатата постапка за измена на Уставот, изразувајќи надеж дека ќе се постигне договор со опозицијата за позитивно заокружување на процесот.
Претседателот Хусар истакна дека проширувањето на ЕУ е примарно, а Република Северна Македонија, како членка, ќе ја зајакне Унијата. Тој рече дека неговата земја, Естонија е спремна да ги сподели своите искуства во однос на искористувањето на можностите што ги нуди Европската Унија. Иако географски сме далеку, продолжи претседателот Хусар, нашите билатерални односи се многу добри, изразувајќи задоволство и за соработката со нашата држава која е актуелен претседавач на ОБСЕ.
На средбата беше изразено и взаемно очекување за развој и динамизирање на парламентарната соработка а на крај на средбата, претседателот Џафери го покани соговорникот да ја посети земјава. вј/ац/
Фото: Собрание