• среда, 27 ноември 2024

Претседателот на МД „Илинден“-Тирана учествуваше на семинар на работната група на словенските малцинства во Европа при ФУЕН

Претседателот на МД „Илинден“-Тирана учествуваше на семинар на работната група на словенските малцинства во Европа при ФУЕН

Тирана, 20 ноември 2022 (МИА) – Претседателот на македонското друштво „Илинден“ - Тирана, Никола Ѓурѓај, учествуваше на 25-от семинар на работната група на словенските малцинства во Европа (АГСМ) при Федералната унија на европските националности (ФУЕН), што се одржа во Виена.

Семинарот бил во организација на ФУЕН во соработка со Хрватскиот центар за култура, образование и политика, хрватското културно друштво во Бургенланд како и хрватскиот академски клуб.  

 -Учествував како претставник на друштвото, кое е рамноправен член на ФУЕН, истовремено и дел на работната група на словенските малцинства во Европа. Главната компонента на семинарот и оваа година беа извештаите за моменталната состојба на словенските малцинства во Европа и нивната дискусија, размената за минатите и идните активности на работната група. Во моето обраќање на ова значајна средба зборував за положбата и проблемите што ги засегаат Македонците во Албанија, како и за активностите на друштвото, изјави Ѓурѓај за МИА. 

Според него, еден од најважните моменти на програмата била и размената на мислења со членовите на австрискиот парламент во Хофбург, на која биле поканети сите пратеници на етничките групи.  

 -Фокусот беше ставен на заштитата на етничките групи во Австрија, европската и меѓународната димензија, како и двојазичните образовни модели и примерите на најдобри практики од малцинскиот училиштен систем. Настанот се организираше во соработка со клубот на пратеници на зелените, рече Ѓурѓај.

 За нов претседател на  работната група на словенските малцинства во Европа е избрана Ангелика Млинар, а наградата  „Метрон“, која хрватскиот центар ја доделува од 2008 година на личности кои дале посебен придонес за малцинствата, оваа година постхумно му била доделена на Антонио Самартино, Хрват од Молизе, Италија. 

 На семинарот учествувале 52 претставници од организации членки на работната група на словенските малцинства од дванаесет европски земји. вт/хс/

Остани поврзан