• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на МД „Илинден"-Тирана ќе учествува на Конгресот на ФУЕН во Берлин

Претседателот на МД „Илинден
Тирана, 2 септември 2022 (МИА) - Претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, ќе учествува на Конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), што ќе се одржи во Берлин од 29 септември до 1 октомври.
-Малцинските заедници во меѓународни и регионални конфликти и четирите автохтони национални малцинства и етнички групи во Германија ќе бидат фокусните точки на 66. Конгрес. Најголемиот европски собир на национални малцинства и јазични групи ќе започне на 29 септември со церемонија на отворањето во Претставништвото на државата Бранденбург во Берлин, изјави Ѓурѓај за МИА.
Додава дека по воведните обраќања  ќе следува  сесија на BundesTalks – дискусија со членовите на Бундестагот за малцинските права и панел-дискусија на тема „Опстанок и надеж – малцинските заедници во меѓународни, регионални и национални оружени конфликти".
-Конгресот ќе продолжи следниот ден во хотелот Н4 со панелот: Мојот јазик, мојот идентитет за четирите автохтони национални малцинства и етнички групи во Германија и Малцинскиот совет, кој е домаќин на годинешниот конгрес на ФУЕН. Работата на Малцинскиот совет се состои првенствено од промовирање и заштита на правата и интересите на четирите автохтони национални малцинства во Германија, Фризите, Данците, Ромите и Лужичките Срби, додава Ѓурѓај.
Според него, Советот функционира како претставник на интересите на малцинствата и како врска меѓу Сојузната влада и германскиот Парламент.
-Предвидени се и годишните состаноци на работните групи на ФУЕН, состаноци со членовите на германскиот парламент, посети на куполата во Рајхстаг и на споменикот на  Ромите од Европа и традиционалниот пазар на малцинства. Изборот на новото претседателство на ФУЕН ќе се одржи на 1 октомври, нагласи Ѓурѓај.
Друштвото „Илинден”-Тирана  членува во ФУЕН од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства. Во овој период редовно учествува на конгреси и во други активности, а по предлог на друштвото усвоена е и Резолуција за положбата на македонското малцинство во Албанија. вт/хс/

Остани поврзан