• среда, 25 декември 2024

Претседателот на КФМ на прием кај амбасадорот на Јапонија

Претседателот на КФМ на прием кај амбасадорот на Јапонија
Скопје, 19 март 2021 (МИА) - Претседателот на Карате федерацијата на Македонија, Горан Милковски имаше работен состанок со амбасадорот на Јапонија во земјава, Н.Е. Хиронори Савада, информираат од КФМ. Aмбасадорот на Јапонија уште еднаш се заблагодари за поканата да присуствува на Собранието на КФМ одржано на 27 февруари, каде што беше специјален гостин. Во име на Јапонија, земја колевка на каратето, Н.Е. Савада уште еднаш се заблагодари за високото ниво кое го достигна каратето како спорт и како организација, што прерасна во најуспешна федерација и најуспешен спорт во земјава, а за многумина со години каратето претставува животна филозофија. Оваа година е посебна, имајќи предвид дека во Токио ќе се одржат Олимписките игри на кои каратето за првпат ќе биде застапено во олимписката програма. Од амбасадата во континуитет ги следат сите наши активности и се надеваат дека некој од нашите спортисти ќе се избори за олимписка норма, колку и да е тежок процесот. - Тие очекувања се базираат пред се на континуитетот на остварување врвни резултати, на сите нивоа. Нашите спортисти и спортистки имаат 17 медали на сениорските европски првенства во последните 15 години и над 30 медали во помладите категории, кадети јуниори и помлади сениори. Тоа е случај и во машка и во женска конкуренција, во борби и во кати. Само во период од 2015 година на натпреварите кои се под покровителство на олимпискиот комитет, каратето има повеќе медали од сите наши спортови заедно. Тоа се однесува на Европските игри, на Медитеранските игри и на Младинските олимписки игри. Тој тренд продолжува и натаму, и не е случајно што двојниот европски шампион Емил Павлов пред неколку дена во Истанбул го освои шестиот медал во кариерата на Премиер лигите. Исто така и што имаме тројца олимписки стипендисти, се поголем број едуцирани тренери со меѓународна лиценца, 16 судии со европска и 6 со светска лиценца, од кои деновиве Боби Војдиновски е избран меѓу елитните 20 судии од светот, кандидати за олимпијадата во Токио. Конечно, секоја година во Изборот на најдобри спортисти од сите спортови, КФМ е со најголем број номинации и освоени спортски оскари. Така беше и пред еден месец, кога и покрај пандемијата имавме шест номинации и три освоени статуетки, за најдобра спортистка, најдобра млада спортистка и најдобар млад спортист, додаваат од Карате федерацијата на Македонија. Целите остануваат високи и во иднина, каратето кое е распространето низ најголемиот дел градови во земјава има интенции да се развие и во средините каде што сеуште нема клубови, а има интерес кај младите и во локалната самоуправа. Нашата главна поддршка секогаш е од Агенцијата за млади и спорт со реализација на зацртаните планови, а кај олимписките програми и од страна на Олимпискиот комитет. Како федерација, имаме одлични релации и висок авторитет со светската карате федерација (WKF), со Европската (EKF), како и со земјите од балканскиот регион, со кои во согласност со можностите, имаме разни опции за продлабочување на блиската соработка. Јапонскиот амбасадор истакна и дека КФМ во 2007 година доби донација преку јапонската амбасада, од која во тоа време федерацијата доби голема помош во опрема, која беше дистрибуирана кај поедини клубови. Во перспектива, со поддршка и на јапонската амбасада, ќе работиме во интерес на натамошна популаризација на спортот и кај младите, што пред се придонесува за нивното здравје но и високи спортски амбиции и секако да продолжиме да остваруваме врвни резултати како најпозитивен пример во македонскиот спорт. Амбасадорот Савада изрази благодарност за поканата да присуствува на државното првенство, кое ќе се одржи на 27 март, во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“. Секако, мораме да ја следиме актуелната ситуација, каде што сите активности во календарот и нивната реализација и на домашно и на меѓународно ниво ќе зависат од состојбите со коронавирусот, каде што и WKF и надлежните здравствени институции го истакнуваат основниот приоритет, здравјето на спортистите, се вели во соопштението. зс/

Остани поврзан