• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на Израел, Исак Херцог во посета на Тирана, прва на шеф на израелската држава

Претседателот на Израел, Исак Херцог во посета на Тирана, прва на шеф на израелската држава

Тирана, 12 септември 2024 (МИА) – По вчерашниот престој во Белград, израелскиот претседател Исак Херцог, денеска допатува во Тирана, што е прва посета на еден израелски претседател на Албанија.

Со сите државнички почести, беше пречекан од домаќинот, албанскиот претседател Бајрам Бегај, по што имаа средба, на која, како што соопштија од неговиот кабинет, двајцата државници, разговарале за билатералната соработка, случувањата во регионот на Западен Балкан, Косово, ситуацијата на Блискиот Исток и прашањата за сајбер безбедноста.

-Претседателот Бегај оваа посета ја оцени како одлична можност за изнаоѓање нови можности за зајакнување на соработката, изразувајќи ја својата и посветеноста на Албанија на овој план. Албанија и Израел, рече тој, се пријателски земји кои споделуваат уникатни историски моменти, кои ги обединуваат засекогаш. Секој Албанец се гордее кога се сеќава на заштитата на Евреите во Албанија за време на Втората светска војна, рекол Бегај, стои во соопштението.

Според него, Албанците на Косово и на Западен Балкан споделуваат исти чувства и, во тој поглед „признавањето на независноста на Косово од Израел е многу важна геополитичка одлука, со позитивно регионално влијание“.

Во однос на случувањата на Балканот, Бегај оценил дека поради геополитичката поставеност, регионот е ранлив на закани, вклучувајќи тероризам и екстремизам, миграција, хибридни закани, кибер безбедност и присуство на трети дестабилизирачки актери.

Тој ја пренесол благодарноста на Албанија за Израел во однос на придонесот за зголемување на капацитетите за кибер одбрана во многу тешки и критични околности по кибер  нападите на Иран во 2022 година.

-За време на средбата, шефовите на двете држави разговараа за случувањата во регионот на Блискиот Исток, за што претседателот на Републиката го потврди ставот дека Албанија силно и недвосмислено ги осуди терористичките напади од 7 октомври 2023 година од Хамас против Израел.

-Ова е без преседан и со ништо не може да се оправда, рекол Бегај, нагласувајќи дека Албанија најостро го осуди киднапирањето на цивили, жени, стари лица и деца, како и повика на итно ослободување на невините цивили.

Претседателот Бајрам Бегај, потврдил дека Албанија целосно го поддржува планот претставен од американскиот претседател Џо Бајден, кој ќе доведе до траен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, зголемена хуманитарна помош за Газа, како и дипломатски разговори, како и единствената можност која води до решение на ситуацијата.
Израелскиот претседател попладнево ќе се сретне и со премиерот Еди Рама. вт/мс/

Остани поврзан