• петок, 08 ноември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова во Охрид на првенците од техничките факултети им го врачи признанието „Инженерски прстен“

Претседателката Сиљановска Давкова во Охрид на првенците од техничките факултети им го врачи признанието „Инженерски прстен“

Охрид, 11 јули 2024 (МИА) – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска на свечен начин на платото пред храмот „Св. Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид по 21 пат на 15 најдобри дипломци по технички науки од четири државни универзитети им го врачи признанието „Инженерски прстен“. 

Таа посочи дека инженерството е благородна мисија. Македонската држава била воспоставена од АСНОМ-ците, но, како што рече, „била изградена од инженерите и тоа во буквална смисла на зборот, со своето знаење и вештини, инженерите од сите дисциплини успеаја да ги преточат идеите во реалност и со тоа да ги задоволат потребите не само на државата и на економијата, туку и на граѓаните“. 

- Вие, инженерите стоите зад сета јавна и приватна индустриска и технилошка инфраструктура без кои не може да се замисли ниту една модерна држава. Вие ги изградивте градовите, фабриките, коридорите, ги осовременивте земјоделството, производството и комуникациите. За тоа сведочи Инженерската институција и Комората на овластени инженери и архитекти чии членови биле и сеуште се вклучени во сите важни процеси, рече Сиљановска Давкова.

Пред младите инженери стои новиот предизвик, посочи таа, а тоа е изградба на нова дигитална Република, која ќе може успешно да се приспособи на глобалната дигитална трансформација.

- Како што Интернетот стана нервен систем на планетата, така забрзаната дигитализација го менува речиси секој аспект на животот. Напредната роботика, автоматизацијата на производството и вештачката интелигенција се повеќе влијаат врз пазарот на трудот. Денеска успехот на државите веќе се мери со нивната способност да ги искусат придобивките и да ги минимизираат ризиците што со себе ги носи дигиталната економија. За успех на тој пат потребни сте ни вие, како неимари на новата дигитална Република, рече претседателката.

Таа уште рече дека нивна идна задача останува да им помогнат на младите генерации од мали нозе да ги прегрнат науката, технологијата, инженерството и математиката и да ги засакаат стем-областите. 

- Со се што ќе правите верувам дека ќе придонесете за изградбата на таа моја и ваша, наша дигитална Република. Но осем од вашата љубов кон благородната професија, успехот на тие потфати зависи од заедничкиот ангажман на државата, ана академската и бизнис-заедницата. Тоа подразбира осовременување на наставните программи, стипедирање и наградување на најуспешните, рече меѓу другото претседателката Сиљановска Давкова на церемонијата на доделувањето на призанието.

На наградените академци честитки за големото призание уште им упатија и Кристинка Чулак, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија и претседателката на Инженерската институција на Македонија, д-р Христина Спасевска.

Чулак на најдобрите дипломци им порача дека оваа награда е признание за вложениот труд, нивните квалитети, за визијата и нивните соништа за перспективите и нивните идни патишта.

- Вие сте пример за идните генерации, докажавте дека само со амбиција, истрајност, упорност, дека со многу работа и откажување од бројни задоволства што се предзнак на младешкиот дух, може да се дојде до врвот и да се добие највисокото признание, рече таа.

Претседателката на Инженерската институција на Македонија, д-р Христина Спасевска од своја страна изрази уверување дека добиеното признание младите инженери мошне брзо ќе го валоризираат со успешна кариера.

- Покажавте дека сте дојстојни да бидете први во своето опкружување, носејќи го гордо товарот на лидерското место. Вие припаѓате на клубот од 229 најдобри инженери, кои денес се успешни иниверзитетоски професори, научници, профеционални и менаџери во компаниите, како во земјата така и во странство...Товарот на признанието е преточен во нашите очекувања од вас – сесрдно да придонесувате за вашата татковина, да ги учите и помагате помладите на нивниот професионален пат и понатаму да бидете најдобри, рече Спасевска. аб/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан