• среда, 25 декември 2024

Претседателката Сиљановска-Давкова прими претставници на НУ „Охридско лето“

Претседателката Сиљановска-Давкова прими претставници на НУ „Охридско лето“

Скопје, 4 јуни 2024 (МИА) - Во пресрет на годинашната 64. Меѓународна музичко-сценска манифестација „Охридско лето“, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ и селекторките на музичката и драмската програма на фестивалкот Бисера Чадловска и Сања Арсовска.

Како што информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова, претставниците на националната установа ја запознале претседателката со тековните подготовки и годинашната програма на фестивалот, кој од основањето во 1961 година се одржува во периодот од 12 јули до 20 август во Охрид.

- Осврнувајќи се на деценискиот придонес во негувањето на уметноста како универзална вредност, претседателката Сиљановска-Давкова изрази задоволство што во духот на воспоставената традиција, ќе биде покровител на фестивалот „Охридско лето“. Во таа насока, посака успешна реализација на годинашното издание и ја нагласи својата поддршка во промовирањето на фестивалот и на македонската култура во светот, се наведува во соопштението. хс/бак/

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија 

 

Остани поврзан