• среда, 12 март 2025

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Азербејџан

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Азербејџан

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во официјална посета на Република Азербејџан, каде се предвидени средби со државниот врв на Азербејџан и учество на 12. Глобален форум во Баку.

Во Баку, претседателката Сиљановска-Давкова денеска ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од страна на претседателот Илхам Алијев, јави известувачот на МИА.

Предвидено е двајцата претседатели да остварат тет-а-тет средба, по што ќе следи пленарен состанок на двете делегации. Во состав на македонската државна делегација се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Во рамки на официјалната посета на Азербејџан, претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари средби и со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова и со премиерот Али Асадов.

Предвидено е и да одржи предавање пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку.

За време на посетата на Азербејџан, претседателката ќе учествува на 12. Глобален форум во Баку, насловен „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности“, што во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ ќе се одржи од четврток до сабота во Баку.

Претседателката Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченото отворање на форумот, а ќе има и обраќање на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“. 

Според најавите, на форумот е предвидено присуство на околу 400 учесници – актуелни и поранешни шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации и на граѓанското општество. лв/цр/

Фото: МИА архива

Остани поврзан