• вторник, 24 декември 2024

Претерување со шеќер и сол е штетно по здравјето

Претерување со шеќер и сол е штетно по здравјето

Њујорк, 8 ноември 2024 (МИА) - Познато е дека за да се одржи и  подобри здравјето на срцето, постојат одредени намирници што треба да се избегнуваат во исхраната.

Така, д-р Лирој Лот од Њујорк сподели листа намирници коишто се лоши за кардиоваскуларниот систем. Лекарот наведува оти, во таа смисла, конзервираниот зеленчук и овошје се некаде на врвот на списоков, поради големата количина сол и шеќер. Тој истакнува дека далеку попрепорачливи се свежите овошја и зеленчук. Исто така, треба да избегнувате конзервирана храна воопшто, токму поради големата содржина на натриум (сол), којашто може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, висок крвен притисок и мозочен удар.

На листата на американскиот доктор се најде и белиот ориз. Тоа е рафинирана житарка што брзо се претвора во шеќер во телото, што значи и повеќе маснотии. Во овој поглед, не треба често да се јаде ниту бел леб, бидејќи тој е исто така рафиниран јаглехидрат.

Сирупите за слатки и замрзнатите колачи се, исто така, на листата поради високата содржина на шеќер. Лекарот советува да избегнувате и преработено месо што, обично, е богато со сол и заситени масти. Во таа смисла, солта е штетна за срцето бидејќи го зголемува крвниот притисок.

Кога станува збор за напитоците, д-р Лот особено го нагласува пивото. Според објаснението, овој пијалак го оштетува срцето на неколку начини. Претерувањето, имено, може да го оштети самиот срцев мускул.

Патем, и Лот и здравствените власти воопшто ги советуваат граѓаните - и мажи и жени да го ограничат внесот на алкохол.

На овој список се и енергетските пијалаци. Нивната содржина на кофеин потенцијално ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок. Дури и кечапот и другите сосови може да претставуваат опасност поради високата содржина на шеќер и сол.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан